Принцот Хари и Меган Маркл им се приклучија на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон во државната кампања што ветува целосно нов пристап во борбата за ментално здравје.
Четворицата снимија рекламен филм во кој им даваат совети на луѓето што се борат против стрес, депресија и лошо спијат. Отсега Британците ја имаат на располагање веб-страницата „
Every Mind Matters“ каде што можат да добијат персонални чекори за кои е докажано дека ќе им помогнат.
Краткиот филм што ја промовира кампањата го погледнаа околу 11 милиони луѓе. Интересно е тоа што сценариото го пишувал режисерот на филмот „Всушност, љубов“, Ричард Куртис. Во него се појавуваат и многу познати личности од Англија кои отворено раскажуваат за своите проблеми.
- Низ светот милиони луѓе се соочуваат со предизвици што влијаат врз менталното здравје - на секоја возраст, со различен интензитет, поради различни работи. Се чувствуваме дека сме под стрес, дека сме несреќни, анксиозни или имаме проблеми со спиењето - вели во филмот принцот Вилијам, додека Меган порачува дека веб-страницата ќе им покаже на луѓето едноставни начини да го подобрат своето ментално здравје.
На веб-страницата постои прашалник. Кога посетителот ќе го пополни, ќе му биде направен мини-план со професионални совети. На пример, човек загрижен за пари ќе биде насочен на локална советодавна служба за долгови, а на луѓето што лошо спијат им се советува да ги исклучат телефоните пред легнување.
Кампањата траела 18 месеци и сите учесници ја работеле бесплатно. Ова е првпат во историјата членовите на британското кралско семејство да се појават во некоја ТВ-реклама, а
кампањата веќе е прогласена за проект од национално значење.