X
 10.04.2018 Образование

М-р Моника Стојанова, првенец на УКИМ со просек 10: На Факултетот за земјоделски науки и храна се создаваат македонски производи со светски квалитет

Мојата желба за научноистражувачка работа од оваа област, на мое огромно задоволство, досега имав можност да ја инкорпорирам во повеќе студентски трудови, а со тоа да дадам свој скромен придонес во науката - вели м-р Моника Стојанова.




Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ им додели награди и пофалници на студентите што дипломирале со најдобар успех во учебната 2015/2016 година. Седуммина имаат средна оценка 10, а Моника Стојанова од Факултетот за земјоделски науки и храна е една од нив. Со неа разговараме за студирањето на овој факултет, рецептот за тоа како се станува првенец, можностите за пракса, плановите за во иднина...

* Како успеавте да станете најдобри во својата генерација?
- Во науката сè започнува со една мала искра на инспирација, која бргу прераснува во поттик, притоа преобразувајќи се во искрена желба да се осознае и создаде нешто ново и иновативно. Таа инспиративна и мотивирачка искра отсекогаш ја пронаоѓав во природните науки, но не примарни, туку применети. Во моето студирање применети се во секторот за квалитет и безбедност на храна. Храната е есенцијален сегмент во животот на секој човек, а нејзиното правилно производство, односно употреба, е засновано врз многубројни научни достигнувања без кои денес не би имале ниту квалитетна ниту безбедна храна за консумирање. Мојата желба за научноистражувачка работа од оваа област, на мое огромно задоволство, досега имав можност да ја инкорпорирам во повеќе студентски трудови, а со тоа да дадам свој скромен придонес во науката. Токму таа, навидум мала инспиративна искра која се преобразува во мисла, желба, идеја, со доволно упорност станува реалност, а истовремено претставува моја водилка, не само во текот на студирањето, туку низ сите активности што ги реализирам. Познатиот филозоф Имануел Кант во една пригода рекол: „Науката е организирано знаење. Мудроста е организиран живот“. Патот до успехот не е лесен и потребна е голема упорност за да се стигне до посакуваната цел, а очекуваните резултати најчесто имаат бавен градиент на експресија. Но, правилната организација на сопствените знаења и време нè насочува на патот кон науката и мудроста, што, за мене, претставува сигурна насока кон достигнување на успехот.

* Со какви предизвици се соочуваат студентите на земјоделски науки во земјава и што е потребно да се направи за тие да почнат да се решаваат?
- Од моето досегашно искуство како студент на додипломските и постдипломските студии, со гордост можам да истакнам дека на Факултетот за земјоделски науки и храна наставата се изведува според современи методи, со широка лепеза на достапни библиографски единици од понови едиции и многубројни можности за осознавање на новите информации во современо опремените лаборатории со кои располага оваа високообразовна институција, а кои се однесуваат на различни сектори во земјоделството. Покрај тоа, тука се можностите за инвестирање во сопственото знаење преку различни студентски симпозиуми, мобилност или, пак, студентски престои. Toa значи дека студентите имаат можност да излезат надвор од студентските амфитеатри подготвени да се соочат со реални проблеми во земјоделскиот сектор и успешно да ги решаваат користејќи го акумулираното знаење. Така, на студентите останува во себе да ја пронајдат вистинската мотивација и љубовта кон овие науки и да ги преточат во знаење кое подоцна ќе можат да го искористат во праксата. Во спротивно, проблемите настануваат единствено од немањето вистинска желба за студирање, туку едноставна желба за стекнување диплома.



* Во меѓувреме и магистриравте. На што работевте?
- Мојата магистерска теза ја работев на Факултетот за земјоделски науки и храна на студиската програма Квалитет и безбедност на храна, модул микробиологија. Станува збор за една многу интересна тема, каде што заедно со моите професори, а под менторство на проф. д-р Олга Најденовска, реализирав истражување кое првпат се спроведува во Република Македонија и во регионот. Во индустриски услови успеавме да создадеме нов производ, македонски традиционален колбас, во кој целосно ја елиминиравме употребата на нитритната сол (како хемиски адитив), а нејзините ефекти за постигнување на посакуваните квалитетни и сензорни својства на крајниот производ ги заменивме со додавање стартер култури (чисти култури микроорганизми). Односно, добивме производ кој е квалитетен, но истовремено и безбеден за консумирање од страна на сите потрошувачи. Или накратко: создадовме нешто светско, но сепак наше, македонско - во македонски простори и со македонски истражувачки тим.

* Сведоци сме на постојано заминување на млади, амбициозни и способни луѓе од државата. Зошто е така?
- Изборот дали ќе го вложиме нашето знаење во или надвор од државата е индивидуално прашање и не би можело да се генерализира. Условите, можностите и побарувањата се само мал сегмент при одлуката на секоја индивидуа што се обидува да си го трасира својот пат.

* Какви се Вашите планови, каде се гледате во блиска и подалечна иднина?
 - Секогаш ѝ дозволувам на мојата интринзичка мотивација да ме води низ лавиринтот на можностите и околностите. Во тој избор преовладува мојата огромна желба за научна работа, поради што во иднина се гледам како дел од научноистражувачката сфера во Република Македонија, каде што своето знаење и искуство ќе можам да ѝ ги понудам токму на сопствената татковина.
Подготвил: Наташа З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование