Минатата недела професорите ѝ го врачија и признанието „Инженерски прстен“, а наградата заедно со другите најдобри дипломирани во инженерските дисциплини ќе ја добие наскоро од претседателот Стево Пендаровски
Доказ дека во земјава младите може да ги задржи само добра работа и одлични услови за напредок во кариерата е 24-годишната Тамара Георгиевска. Таа дипломирала со просек 10 на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и е добитник на признанието „Инженерски прстен“. Била спремна да замине на работа и последипломски студии во Германија, но ја спречила понудата за работа во „Алкалоид“.
- Кога лани завршив со студиите, бев решена за магистратура во еден истражувачки центар во Германија, кој ми нудеше и работа. Претходно бев и на пракса таму и всушност мојот пат ми беше трасиран кон таа насока. Но, сѐ до лани, кога ми се отвори можноста за работа во „Алкалоид“. Останав поради добра работа, ми се појави шанса буквално од нула да почнам бидејќи во компанијата веруваа во мене. Тоа ме задржа, добра работа, волјата на компанијата да вложи во мене - вели Георгиевска.
Просекот не е планиран
Тамара минатата недела ги доби дипломата и уверението за положени испити како единствената дипломирана со просек 10 од последната генерација дипломирани на ТМФ. Професорите ѝ го врачија и признанието „Инженерски прстен“, а наградата заедно со другите најдобри дипломирани во инженерските дисциплини ќе ја добие наскоро од претседателот Стево Пендаровски.
- Овој просек не ми беше планиран кога се запишував. Ми беше планирано само да учам од срце и да ги спојувам сите можни коцки на инженерството. Програмата што ја студирав, Инженерство на материјали и нанотехнологии, е нова и спојува неколку програми, како неорганско инженерство, органска технологија, металургија, екстрактивна преработувачка, дизајн и менаџмент на процеси и полимерно инженерство - објаснува таа.
Многу е задоволна од студиите бидејќи професорите биле посветени на тоа да вложат во студентите. Немале само теоретско учење од книга, туку таа имала можност со ментори од факултетот да учествува во научноистражувачка работа уште од прва година.
- Ова веднаш ме увери дека сум на вистинското место. Работев всушност на научноистражувачките проекти на неколку професори - Анѓушева, Грозданов, Бужаровска, а дипломскиот труд го завршив со професорката Грозданов. Областа е комбинација на наноматеријали со технолошки пристап и со област на фармацевтска дејност, нешто што мене ми лежи при срце - вели Тамара.
Доделување на дипломите на ТМФ
Технолог во фармацевтските води
Сега е вработена во „Алкалоид“ во Институтот за истражување и развој во одделот технички операции.
- Во моментов работам на валидација на процеси и на опрема во фармацијата. Нашата цел е да вршиме инспекциски надзор на процесот, дали ги исполнува сите квалитети за еден лек да биде пласиран на пазарот. Спојот со ТМФ е во фармацевтското инженерство затоа што повторно станува збор за процеси, но не на материјали, туку на фармација. Можеме по завршување на ТМФ да споиме магистерски со Фармацевтски факултет. Практично се спојува инженерството со фармацијата.
Таа потенцира дека никогаш немала цел да дипломира со просек 10.
- Едноставно се случи, со многу голем влог, предаденост на тоа што го учев и најважно го сакав тоа што го учев од сѐ срце. Во семејството имам неколку инженери, па веројатно и тоа влијаеше.
Завршила во скопската гимназија „Георги Димитров“ на јазично-уметничка насока со германски јазик. Таа всушност дипломирала лани во јуни и веќе во јули се пријавила на огласот во „Алкалоид“. Немала голема надеж бидејќи е технолог. По неколку интервјуа и шест месеци почнала со работа.
„Инженерскиот прстен“ наскоро ќе го добие заедно со останатите најдобро дипломирани студенти од техничките факултети.
- Ова признание многу ми значи. Тоа е награда од нашите колеги и инженери, затоа е и многу важна - вели Георгиевска.