X
 12.01.2024 Наша тема

Руфија Идризовска е најдобар дипломиран студент на ПМФ со просек 10,00: „Својата енергија, време и искуство би ги вложила во нешто што би им било од корист на луѓето“

Ние, младите, можеме да воведеме некои промени во Македонија со заедничка соработка и да создадеме можности за просперитет на секое поле. Би размислила за надградување во странство во зависност од тоа какви услови ќе постојат тука и какви понуди ќе ми се појават во иднина, вели Руфија Идризовска

Руфија Идризовска е прогласена за најдобар дипломиран студент на Природно-математичкиот факултет при УКИМ во Скопје и на Институтот за хемија (применета хемија-аналитичка биохемија). За време на своите студии успеа да оствари импресивен просек од 10,00. Успехот не е случаен, тоj доаѓа како резултат на напорна работа, упорност, учење, студирање, пожртвуваност и најмногу од сè - љубов кон она што го правите или сакате да го правите.

- Признанието што го добив на денот на патрониот празник на нашиот факултет е доказ за мојата работа во изминатите четири години. Тоа е крунисување на сето искуство со кое сум се здобила при студирањето, сето знаење и дисциплина при самиот процес на студирање. На почетокот на моето студирање ваква награда замислував. Но како што поминуваа семестар по семестар, ми стана јасно дека очекувањето ќе стане реалност. И токму тоа се случи и ова признание е доказ дека доколку нешто сакаме и веруваме во тоа, ќе си го најде патот да стигне до нас - вели Руфија.



Целта ми беше да учам од најдобрите професори во мојата родна држава

Уште кога почнала да изучува хемија во основно образование, сфатила дека тоа е науката и областа во која се пронаоѓа во иднина.

- Во понатамошното образование ми стана јасно дека сакам да ја изучувам хемијата сплотена со делот од биологија кој го изучува човечкиот организам, односно биохемијата. ПМФ беше еден од факултетите што нудеа студии поврзани со хемија и биохемија. Сепак, мојот избор беше овој факултет поради успешната приказна која датира уште од неговата изградба. Учејќи од образовниот кадар на овој факултет, јасно е дека своето знаење и успех ќе ни го пренесат нам, на студентите. Целта беше токму тоа, да учам од најдобрите професори во мојата родна држава и воедно и причината за мојот упис на ПМФ - раскажува Руфија.



Вели дека мотивација црпела од желбата за знаење, желбата за надградба на она што веќе го знаела.

- Помислата дека можам и сакам да се здобијам со некое ново знаење од областа на мојот интерес беше доволна стимулација за да го постигнам замисленото. Сметам дека доколку учењето го преведеме во предизвик за збогатување на сопствениот фонд на знаење, тоа станува мотивација за постигнување успеси кои се редат еден по друг. Не смееме да заборавиме и дека основата на тоа е всушност изучување на она што ни лежи на срце. Само тогаш може да постигнеме сѐ што сакаме - посочува таа.



Баланс помеѓу времето поминато над книга и времето поминато во дружење


На прашањето дали беше тешко да се оствари успехот и од прва до последна година, од прв до последен предмет да се одржи конзистентност во успехот и просекот, таа вели:

- Сѐ што е постигнато во еден живот е успех кој сам по себе е тежок и бара жртви. Така и успехот на полето образование за мене не беше нешто што може преку вечер да се постигне, напротив, може само со напорна работа. Често знаев да го жртвувам времето кое би можела да го поминам со моите пријатели или семејството. Но сето тоа беше во одреден баланс помеѓу времето поминато над книга и времето поминато во дружба. Таквата напорна работа вложена во изминатите четири години, сплотена со баланс помеѓу „жртвата“ и знаењето е клучот за мојот успех во академските години. Студирањето ми беше возбудлив дел од животот токму поради тоа што ја изучував науката од интерес. Нема дел од хемијата кој не ми е од интерес бидејќи сѐ е поврзано меѓу себе. Целата хемија е една сложувалка од делчиња кои се неразделни. Сепак, органската хемија, биохемијата и електрохемијата би можела да ги одделам како делови од целата сложувалка кои ми биле најинтересни, кои ми биле во фокусот при моето студирање. Она во што најмногу се пронајдов е лабораторискиот дел од предметите што ги изучувавме. Експериментите, нивното изведување, толкување се нешто што ми е поинтересен дел од хемијата, која во суштина е експериментална наука - додава Руфија.



Нејзина цел е вложување во себе и во своето знаење. Нејзин најголем стремеж е да го зголеми што е можно повеќе својот фонд на знаење.

- Следно би се вложила во истражувања кои ги поврзуваат моите полиња на интерес. Својата енергија, време и искуство би ги вложила во нешто што би можело да им биде од корист на луѓето, нешто што ќе даде одговор кој ќе биде од голема полза за целото човештво. Мојата наредна цел е вложување во себе и во моето знаење. Сакам да се здобијам со што е можно поголем фонд на знаење и да се надградувам бидејќи знаењето е богатство кое никој не може да ни го земе. Кога некој е богат со знаење, можноста за раст на професионално поле е неизбежна. Така што мојата визија е надградување на образовно поле кое самото ќе си повлече и на професионално. Ние, младите, можеме да воведеме некои промени во Македонија со заедничка соработка и да создадеме можности за просперитет на секое поле. Би размислила за надградување надвор од нашата држава во зависност од тоа какви услови ќе постојат тука и какви понуди ќе се појават во иднина - вели Руфија.




Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема