X
 19.06.2024 Наша тема

Александар Лазовски магистрира на „Харвард“ со просек 10,00: „Се надевам дека ќе имам можност да придонесам за подобрување на образованието во Македонија“

Александар Лазовски магистрира на „Харвард“ со највисок просек и ни раскажа за аплицирањето, впечатоците од студирањето, професорите, начинот на учење, како и за животните лекции што ги стекнал.

- „Харвард“ не само што ги исполни моите очекувања, туку и ги надмина! Тоа е место со долга и богата традиција, со силни морални вредности кои се засноваат на идејата дека привилегијата на квалитетно образование доаѓа со голема одговорност да се подобри светот. Овие вредности привлекуваат некои од најталентираните и најпосветени умови од целиот свет. Пресреќен сум што имав можност да бидам опкружен со вакви колеги од повеќе од 100 земји - споделува Александар.

Студирањето на „Харвард“ му било сон од детството, но идејата за конечно да аплицира му дошла за време на пандемијата, кога училиштата беа затворени, па со неговиот тим требало да го создадат и да го лансираат порталот Едуино.

- Како син на двајца родители инвалиди, а подоцна на самохрана мајка која се бореше со сиромаштија и здравствени проблеми за да ми обезбеди добро образование, овој сон секогаш изгледаше недостижен. Финансиските бариери и сомнежите за мојата способност дополнително ме обесхрабруваа да го направам првиот чекор кон овој сон. Во последните десет години, како коосновач на СмартАп - Лабораторијата за социјални иновации, се посветив на решавање комплексни проблеми во нашата држава, особено во областа на образованието. Главната инспирација за конечно да аплицирам за „Харвард“ дојде за време на пандемијата. Тогаш, кога сите училишта беа затворени, заедно со мојот тим ја имавме одговорноста да го создадеме и лансираме порталот „Едуино“. Преку овој проект, заедно со нашата заедница од над 20 илјади едукатори и нашите партнери, успеавме да обезбедиме бесплатен пристап до квалитетни дигитални образовни содржини - раскажува Александар и додава дека преку „Едуино“ го видел потенцијалот за промена.



Тој бил пресреќен кога дознал дека е пример на „Харвард“, но многу брзо му се срушил сонот бидејќи не ги собрал потребните финансии. Сепак, бил упорен и аплицирал по втор пат.

- Бев апсолутно пресреќен, шокиран, до степен на неверување! За да го остварев мојот сон, потребно беше некако да ги обезбедам потребните финансии. Меѓутоа, за жал, бев одбиен за стипендија од Министерството за образование и наука, а не добив одговор и поддршка и од неколкуте филантропски организации на кои им се обратив. Со други зборови, не успеав да ги приберам потребните финансии во предвидениот рок. Во тие моменти почувствував една неверојатна тежина. Замислете, сте стигнале на врвот на највисоката планина, примен сте на најпрестижниот универзитет во светот, меѓутоа, не можете да ги приберете потребните финансии за да студирате таму... Среќа, благодарение на поддршката од луѓето околу мене и мојата силна волја, не се откажав и продолжив понатаму. Дознав и аплицирав за Фулбрајт стипендијата која ја доделува американската амбасада. Така вторпат успешно аплицирав за „Харвард“, па се одлучија да ми доделат и дополнителна стипендија - со која конечно успеав да ги соберам сите потребни финансии за престој и студии во Америка. Искрено му препорачувам на секој што е заинтересиран за студии во Америка да прочита повеќе за Фулбрајт стипендијата! - нѐ информира Александар.

Најмногу го привлекла едногодишната програма „Лидерство во образованието, организации и претприемништво“, која е фокусирана на развивање лидери со вештини и визија за водење значајни промени во образованието.



- Знаејќи дека треба да се надградам професионално за да можам да придонесам кон системско и одржливо решавање на проблемите во образованието, се одлучив за магистратура на Високата школа за образование на „Харвард“. Особено ме привлече едногодишната програма „Лидерство во образованието, организации и претприемништво“, која овозможува студентите да се стекнат со вештини за управување со обемни и комплексни образовни организации, преку нудење можности за надградување во областа на претприемништво и преку култивирање вредности за праведност, еднаквост и извонредност во работата и пристапот кон обезбедување квалитетно образование за сите. Верувам дека вакви лидери ѝ се потребни на Македонија и се надевам дека во иднина ќе имам можност да придонесам за подобрување на образованието во Македонија - подвлекува Александар.

Три работи му оставиле голем впечаток кога станува збор за поддршката при учењето на „Харвард“: онлајн курсот „Како луѓето учат“, користењето на технологијата и пристапот и поддршката од професорите.

- Сите материјали за читање се достапни во електронски формат, одлично се организирани и се бесплатни за сите студенти. Професорите често користеа технологија на часовите, од интерактивни квизови, вклучување гости во живо, па сѐ до инкорпорирање можности за користење и кокреирање во вештачка интелигенција (ВИ). А леснотијата со која може да пристапиш до кој било професор на „Харвард“ е нешто што е неспоредливо со нашиот образовен систем – вели Александар.



За време на студиите одбрал различни предмети според своите интереси - Анализа и истражување на образовни политики преку компаративна перспектива, Дигитално создавање и креирање во образование, Претприемништво на пазарот на образование и Како иднината на работата ја обликува иднината на образованието.

- Сепак, главниот фокус на моите студии беа часовите поврзани со вештачка интелигенција (ВИ). Преку часот за вештачка интелигенција и образование, како и преку самостојното истражување под водство на реномираниот проф. Сејџи Исотани, експерт за ВИ и образование, истражував за можностите и ризиците кои ВИ ги нуди при имплементација во образовните системи, како и анализа на политиките и нивото на користење на ВИ во американскиот образовен систем. Освен ова, следев часови и на МИТ, фокусирани на развивање ВИ-апликации за решавање комплексни социјални предизвици. Предавањата и барањата беа доста обемни и комплексни, но многу сум задоволен дека и покрај тоа, успеав да завршам со просек од 10.00 (4.0 GPA) - ни раскажа Александар.



На прашањето што би можело да се примени на нашите факултети кога станува збор за студирањето, тој посочува:

- Во Македонија голем акцент се става на пренесување знаење преку фронтални предавања, каде што професорот зборува, а студентите слушаат и фаќаат белешки. На „Харвард“, иако е дом на некои од најголемите умови, научници и професори во светот, поголемиот дел од часот е посветен на слушање на перспективите и размислувањата на студентите. Професорот ја поттикнува и насочува дискусијата, додека студентите споделуваат знаење и различни видувања кои придонесуваат кон колективно учење. Во десетте месеци студирање немав ниту еден класичен писмен тест. Напротив, домашните задачи и оценувањето се базирани на практични и реални проекти, во кои најчесто се работи во тим. На пример, главниот проект за предметот по интернационална и компаративна анализа беше директна работа со канцеларијата на УНЕСКО Азија, каде што бевме ангажирани како консултанти - вели Александар.



Според него, нашиот образовен систем треба повеќе да се насочи кон учење преку проекти, треба да се врати достоинството во професијата наставник, да има поголема финансиска поддршка за студентите и да се поттикнува соработката меѓу факултетите и индустријата.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема