X
 08.03.2019 Живот

Предлози како да го одбележите 8 Март. Не, не е листа со кафеани

Меѓународниот ден на жената е симбол на борбите на жените од целиот свет за еднаквост и права и потсетник уште колку има за одење на тој пат. На овој ден се препознаваат достигнувањата на жените и девојките од целиот свет и се предизвикуваат сите луѓе да се приклучат во глобалната борба за родова еднаквост.

Сепак, прославувањето на овој ден некогаш и некаде може да се прави на несоодветен, да не речеме и погрешен начин. Затоа, пронајдовме неколку сугестии како да го прославите и одбележите 8 Март, а тоа да не е во кафеана.

Еве неколку предлози.

1. Едуцирајте се

Читајте и разговарајте со другите за постојаните јазови меѓу родовите, за социјалните, економските и политичките придобивки од родовата еднаквост и за тоа што е потребно за да се постигне барем некаков напредок.

Исто така, прочитајте нешто повеќе за Меѓународниот ден на жената. Дали знаете, на пример, кога е одбележан првиот Ден на жената? Време е да го искористите интернетот за нешто друго освен за „Фејсбук“.

Погледнете некој информативен филм со кој би можеле да се едуцирате за жените и историјата на нивната борба за родова еднаквост. Можете, на пример, да го погледнете филмот „Бунтовните жени од Сирија“ (Syria’s Rebellious Women).



2. Споделете ја работата

Експертите посочуваат дека жените работат најмалку 2,5 пати повеќе неплатена работа (дома и за укажување грижа) отколку мажите. Во многу земји во светот тоа вклучува готвење, чистење, носење вода и дрва и грижа за децата и за постарите.

Кога жените се единствените одговорни или, пак, одговорноста претежно паѓа на нивните рамена за неплатените домашни обврски, тоа значи дека имаат помалку време да заработуваат. Исто така, тие може да работат повеќе часови меѓу платената и неплатената работа. Клучно е да има движење на жени кое би посветило внимание на овие прашања, но потребна е поддршка и од мажи.

Охрабрете ги сите во вашиот живот да ја поделат сета неплатена работа еднакво меѓу мажите и жените.

3. Сфатете која е вашата улога

Размислувањето за тоа како би можела да се постигне родова еднаквост може да ви се чини како големо нешто, но можете да почнете локално, така што подобро ќе ја разберете улогата што ја имате во вашата заедница. Поврзете се со пријателите и соседите и заложете се за важни цели, спротивставувајќи им се на секојдневните неправди и предизвикувајќи ги нефер политиките, како и создавајќи петиции за да помогнете во решавањето на одреден проблем.

4. Волонтирајте

Има ли некоја локална, национална или меѓународна организација чија мисија и работа на родовата еднаквост отсекогаш ви се допаѓала? Сега е моментот да научите нешто повеќе за волонтирање во таа група. Побарајте можности кои се совпаѓаат со вашите вештини и интереси. Користењето на вашето време и талент за поддршка на организациите фокусирани на подобрувањето на здравјето, безбедноста и правата на жените ќе даде некаква сигурност дека она на што се повикува на 8 Март се преведува во значајна акција во текот на целата година.

5. Донирајте

Ако имате финансии за да донирате за некоја вредна кауза, дури и мал придонес може да направи голема разлика за многу кампањи.

6. Искористете го вашиот глас

Едно од најважните нешта што можете да ги направите е да го користите вашиот глас за да ширите свесност за важноста на родовата еднаквост. Тоа може да значи учество во кампања со одреден хаштаг на социјалните мрежи, почнување разговор со фамилијата и пријателите или користење на некоја ваша платформа за да ја истакнете работата на другите жени чиј глас можеби не се слуша толку многу.


Фото: WikiHow

7. Учествувајте во протест

На Меѓународниот ден на жената има многу протести. Информирајте се дали и во ваша близина има некој таков протест и поддржете ги жените и нивниот придонес во целиот свет.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот