Периодите на големи кризи честопати се причина за појава и ширење на теории на заговор, а кризата со пандемијата не е исклучок во овој поглед.
Но, во колкава мера луѓето навистина се согласуваат со теориите на заговор и каква е поврзаноста со когнитивните предрасуди?
Истражувачки тим на научници предводен од Сара Кун и д-р Теом Зандер-Шеленберг од Универзитетот во Базел го истражувал нивото на поддршка за теориите на заговор поврзани со новиот коронавирус.
Истражувањето било спроведено во германското говорно подрачје на Швајцарија и во самата Германија врз принципот на анонимно истражување, во јули 2020 година. Резултатите биле објавени во научното списание „Псајколоџикал медисин“.
Освен демографските информации, истражувањето испитало колку учесниците се согласувале со неколку изјави поврзани со коронавирусот и врз основа на сомневања дека станува збор за заговор зад појавата на пандемијата или информации поврзани со неа.
Исто така, учесниците биле прашани дали во моментот се чувствуваат под стрес или можеби имаат искуства слични на параноја. Во сето ова биле откриени и разни когнитивни предрасуди. Овие предрасуди вклучувале тенденции систематски да се извлекуваат заклучоци врз основа на недоволно информации или да се исклучат информации што се косат со ставот на поединецот.
Во просек, помалку од 10 отсто од сите учесници се согласиле силно со изјава базирана на теорија на заговор, 20 отсто умерено се согласиле, а другите 70 отсто не се согласувале со ваква изјава.
Интересно, резултатот бил ист и во двете земји каде што било спроведено истражувањето, односно Швајцарија и Германија.
Најпопуларните
теории на заговор кај испитаниците се дека вирусот потекнува од лабораторијата или дека официјалното објаснување на изворот на вирусот е сомнително.
Фото: Freepik
Испитаниците што посилно се согласувале со изјавата поврзана со теории на заговор во просек биле помлади, се чувствувале под поголем стрес и имале искуства слични на параноја. Исто така, ова се луѓе со поекстремни политички ставови и со пониско ниво на образование. Што се однесува до полот, не е забележана значајна разлика во согласувањето со изјавите поврзани со теории на заговор.
Она што го открило истражувањето е дека процентот на испитаници во Швајцарија повеќе се согласуваат со изјавите отколку Германците, во врска со тоа дека големите фармацевтски компании создале вирус за да заработат пари за вакцина.
Исто така, истражувањето ги надополнило претходните истражувања за фактот дека прифаќањето вакцини во Швајцарија е помало отколку во другите западноевропски земји, како Германија.
- Бидејќи нашето истражување претставува момент на ставови какви што постоеја минатото лето, потребни се дополнителни истражувања за да се утврди дали ставовите за прифаќање на вакцинацијата се промениле оттогаш - вели Зандер-Шеленберг.
Истражување на швајцарските научници открило индикации дека поддршката на теориите на заговор е поврзана и со одредени особености во мисловните процеси на поединците.
На пример, учесниците што сметале дека се можни теории на заговор брзо извлекле заклучоци и до нив дошле со поголема несигурност од учесниците што сметале дека теориите на заговор се помалку можни. Исто така, овие испитаници посветиле помалку внимание на информациите што се коселе со нивната позиција.
Преку длабока статистичка анализа, научниците откриле и дека врската помеѓу теориите на заговор и когнитивната предрасуда не е толку линеарна како што претходно се сметало. Имено, се покажало дека неколку лица што цврсто веруваат во теории на заговор покажуваат помалку когнитивна предрасуда од испитаниците што целосно ги отфрлаат теориите на заговор. Оваа група дошла до заклучоци на повнимателен начин.
Резултатите посочуваат дека секој што се согласува со теориите на заговор автоматски ги обработува информациите на неповолен начин - вели Сара Кун. Резултатите покажуваат дека група приврзаници на теории на заговор може да содржат различни подгрупи кои се карактеризираат со различни мисловни процеси.
- Овие откритија беа изненадувачки за нас со тоа што психолошките истражувања претходно претпоставуваа дека теориите на заговор одат заедно со карактеристики како што се слаби аналитички вештини за размислување и избрзани заклучоци - вели Кун.
- Фактот дека со некои луѓе може да биде спротивното, значи дека треба да бидеме внимателни со генерализациите за приврзаниците на теориите на заговор - додава таа.
Истражувањето било спроведено на 1.600 испитаници, од кои 554 биле од Швајцарија, а останатите од Германија.
Извор:
Eureka alert
Фото: Freepik