Ние обезбедуваме квалитетно образование, а Македонија треба да обезбеди добри работни и животни услови
Неколку години ги промовирате Факултетот за општествени применети студии и Факултетот за информатички студии пред македонската јавност. Колку сте задоволни од интересот на граѓаните на Македонија да студираат во Словенија?
Не е многу лесно да се влезе на нов пазар, особено во академската област. Висококвалитетниот кадар станува сѐ поредок, особено поради релативно неповолните демографски трендови во Европа и луѓето стануваат свесни за тоа. Ова значи дека тие стануваат повнимателни и во изборот на високообразовна институција на која ѝ доверуваат дел од сопствената иднина. Поради ова, угледот станува сѐ поважен и потребно е време да се изгради репутацијата. Кога влегувавме на пазарот во Босна и Херцеговина во 2015 година, никој не нѐ познаваше и првата година привлековме внимание само на два студенти. Неколку години подоцна, ние имаме повеќе од сто студенти од БиХ. Приказната се повторува и во Македонија. Првата година привлековме само неколку студенти. Но, последната година примивме 46 и сега имаме околу 70 студенти од Македонија. Сега сме позната институција и очекуваме оваа бројка да расте во наредните години.
Во последно време во Македонија се води дебата околу тоа како да ги вратиме нашите студенти од странство по завршувањето на студиите за да работат во својата држава. Што мислите за ова?
Оваа дебата ја имаме и низ Европа. Нашата демографска состојба не е многу добра. Може да ги почувствуваме резултатите дури и во Словенија во однос на недостиг на многу профили на пазарот на трудот, иако Словенија е целна земја за миграција и се зголемува бројот на населението. Популацијата во земјата сега е за 200.000 лица поголема од пред 30 години. Ова е резултат на различни причини, но најважни се релативно добрата економска ситуација, која се трансферира на многу работни места. Исто така, важно е што Словенија има релативно добри плати со оглед на релативно малите трошоци за живеење. Вистина, некој може да има повисока плата во Австрија или во Германија, но трошоците за живеење се многу повисоки таму. Културната блискост, исто така, придонесува Словенија да биде атрактивна за работниците и студентите од поранешна Југославија и од Северна Македонија. Имајќи го ова предвид, дебатата за враќање на студентите од странство во вашата земја е сосема разбирлива. Што може ние да сториме за ова? Да обезбедиме добро образование за нив. Северна Македонија треба да се грижи за сѐ друго, да обезбеди добри работни и животни услови за луѓето.
Што може студентите да научат на вашиот факултет ФУДШ, но и на ФИШ каде што работите и тоа да биде корисно за нив?
Нашите две институции обезбедуваат различни студиски програми на сите нивоа на студии, од додипломски до докторско ниво и македонските студенти, фактички, се запишани на сите овие студиски програми. На ФУДШ на оние што се насочени кон менаџмент и општествени науки им нудиме додипломска програма за социјален менаџмент и магистерска програма за интеркултурен менаџмент. Исто така, имаме програми во Психосоцијална помош на додипломски и Психолошко советување на магистерско ниво. Нудиме додипломски и магистерски студии на Медиуми и новинарство. Среќен сум што нашите програми се многу барани од студентите и нашите дипломци имаат високо ниво и можност за вработување. За оние со посилна академска склоност, нудиме две докторски програми, Социологија и Психосоцијални студии и Стратешки комуникации и менаџмент.
На Факултетот за информатички студии нудиме додипломски и магистерски студии за Информатика во современото општество и Компјутерски науки и Веб-технологии. Исто така, нудиме магистерски програми во Сајбер-безбедност, Бизнис-информатика и Data Science. Нудиме и докторски студии за Информатичко општество. Мора да нотираме дека ФИШ е јавна институција и нуди студиски програми без школарина за повеќето програми. ФУДШ е приватна институција, но концесијата што ја добиваме од Владата овозможува одредени студиски места за македонските студенти без школарина.
Освен на факултетите, работите и научни истражувања на Институтот „Рудолфово“ во Ново Место. Каков придонес има овој Институт во едукацијата на студентите и истражувачите? Може ли да покажете како соработуваат науката и истражувањата.
„Рудолфово“ е нов јавен истражувачки институт во Ново Место. Тоа е мало гратче во Југоисточна Словенија, за кое многу граѓани на Македонија сѐ уште не слушнале, но всушност е центар на словенечката индустрија. Понекогаш во градот има многу повеќе вработени лица отколку што има
жители. Затоа е многу јасно зошто властите отворија нов технички институт тука. Институтот работи во четири области: паметно производство, дигитализација, циркуларна економија и интелектуална сопственост и трансфер на технологија. Меѓутоа, бидејќи инженерите ги решаваат проблемите со кои се соочуваат граѓаните, има смисла да постои многу добра соработка меѓу „Рудолфово“ и неговите партнери во високото образование. Веќе имаме неколку успешни стории и уште многу ќе следуваат.
Дали дигитализацијата овозможува едукација на дистанца и дали недостигот на средби во живо меѓу професорот и студентот, на некој начин, влијае врз квалитетот на образованието?
Епидемијата на коронавирусот беше огромна промена за нас. Додека размислувавме за спроведување радикална дигитализација на образовниот процес и пред тоа, епидемијата преку ноќ нѐ принуди да скокнеме во неа. За повеќето високообразовни институции, ова беше непријатна епизода, за нас, беше можност да се подобриме и да влеземе во нова парадигма. Ние го развивме сервисот Study+, кој дозволува нашите студенти да учат на далечина, на пример, дури и од Македонија. Ние веќе имаме неколку студенти од Македонија кои се запишаа на бесплатни студиски програми и користат Study+ услуга за да бидат наши студенти додека работат во Скопје, Битола, Штип.. И веќе гледам дека следуваат уште многу студенти.
Фото: приватна архива