X
 17.05.2018 Живот

Матеја Шоштариќ, практикант од Словенија во „Чептер 4 Македонија“: Сакам да научам како функционираат односите со јавноста во Македонија

Начинот на работа во односите со јавноста се менува многу брзо и секогаш треба да ги следите новите случувања, со отворен ум и подготвени да учите нови работи. Во моментов во Словенија работам во нова hi-tech компанија и од мене се очекува да знам за развој на бизнисот, маркетинг (бизнис до бизнис, бизнис до клиент), потоа за односите со јавноста и стратегии за градење бренд, вели Шоштариќ


Посакувам да го подобрам моето знаење во практицирањето на односите со јавноста и да добијам нови перспективи. На факултет учевме многу теоретски работи, но практично вие треба да осознаете како сето тоа функционира во реалниот живот, вели Матеја Шоштариќ, практикант од Словенија во „Чептер 4 Македонија“. Со неа разговараме за одлуката да дојде во нашата земја, како ја доживеала Македонија, на каква професионална атмосфера наишла.


Матеја Шоштариќ

Во Македонија дојдовте неодамна како практикант во Агенцијата за односи со јавноста „Чептер 4 Македонија“. Како дојде до оваа соработка и како ја најдовте оваа агенција?
- Во 2017 година учествував во една онлајн едукативна програма e-PROFMAN. Таа претставува заедничка програма за професионален развој во „Иновативниот менаџмент, лидерството и стратешките комуникации“, во рамки на виртуелен кампус составен од три високообразовни институции: Високата школа за новинарство и односи со јавноста од Македонија, ДОБА - факултетот за применет бизнис и социјални студии од Словенија и Универзитетот „Истанбул“ од Турција. Еден дел од оваа програма значи стажирање во компанија. Добив понуда да стажирам во странство. Јас ја одбрав токму Агенцијата за односи со јавноста „Чептер 4 Македонија“, како една од предложените опции затоа што станува збор за меѓународна компанија (со седиште во, за мене, соседна Австрија) и е широко распространета во регионот на Централна и Југоисточна Европа. Нуди разни услуги од областа на односите со јавноста, бизнисот и маркетинг-комуникацијата, комуникацискиот консталтинг, организација и менаџирање на настани, брендирање и други услуги.

Зошто одлучивте да бидете практикант во нашата земја, иако можевте да одите и во други држави, на пример, во Турција и со какво знаење очекувате да го вратите во Словенија?
- Пред сѐ, сакам да научам за македонската култура и тоа е причината зошто го одбрав Скопје. Се надевам дека преку праксата во „Чептер 4“ ќе научам како се практикуваат односите со јавноста во Македонија. Исто така, сакам да научам нови аспекти од функционирањето на една комуникациска агенција и да отворам многу нови перспективи.

Сте завршиле факултет за маркетинг-комуникации во Словенија. Кој е Вашиот мотив да се подобрите во сферата на односите со јавноста?
- Посакувам да го подобрам моето знаење во практицирањето на односите со јавноста и да добијам нови перспективи. На факултет учевме многу теоретски работи, но практично вие треба да осознаете како сето тоа функционира во реалниот живот. Во Словенија работев во комуникациска агенција, но тоа беше многу одамна. Начинот на работа во односите со јавност се менува многу брзо и секогаш треба да ги следите новите случувања, со отворен ум и подготвени да учите нови работи. Во моментов во Словенија работам во нова hi-tech компанија и од мене се очекува да знам за развој на бизнисот, маркетинг (бизнис до бизнис, бизнис до клиент), потоа за односите со јавноста и стратегии за градење бренд. Затоа, сакам да го подобрам моето знаење за сето ова и да добијам нови видици.


Во Македонија секој сака да помогне

Вие сте млада личност, но имате импресивна биографија со работа на проекти и во низа организации во Словенија и во светот. Како успевате да се организирате и да одговорите на сите предизвици?
- Уште како студент почнав да волонтирам во различни граѓански организации и студентски асоцијации (на пример, студентската секција на Словенската асоцијација за односи со јaвноста – Student section for Slovenian Public Relations Associations), потоа AEGEE и други организации. Верувам дека на почетокот на кариерата многу е добро да се работи за различни компании и организации, дури и како волонтер, затоа што се учи многу за различни професии, различни работи и различни структури. Исто така, многу сум заинтересирана за патувања и затоа направив комбинации од патување и студирање (Тасманија, Австралија) и патување и работа (Англија, Малта). Преку работата на различни проекти, во компании и организации во Словенија, пред сѐ научив каков тип работа сакам, односно што не сакам да работам. Уште од многу одамна бев вклучена во спортските активности, иако во моментов немам многу време. Сепак, наоѓам време за трчање и качување по планини, а и постојано практикувам јога и јавање коњи. Ова се работи што ме одржуваат здрава и свесна во мојот постојано бурен живот - работејќи во млада и брзо растечка hi-tech компанија.

Во Македонија сте кратко, но нашите две држави имаат многу сличности. Што Ве импресионира, а што не Ви се допаѓа во Македонија?
- Во Македонија сум импресионирана од срдечниот и љубезен однос на луѓето. Секој е отворен и подготвен да помогне со сѐ што треба. Исто така, речиси сите зборуваат англиски многу добро. Можеби непријатно сум изненадена од сообраќајот и од ѓубрето на улица. Многу ми е жал за кучињата и мачките на улица, ми се чини дека се многу добри и не се опасни (доколку не сте на тркала 😊). Генерално, во Македонија се чувствувам убаво и добредојдено. Апсолутно ги сакам зеленилото и природата околу градот и очекувам да ја истражам природата малку повеќе.

Кој е Вашиот апел/порака до младите во земјава во однос на неформалното образование и проширување на хоризонтите преку образование, запознавање нови луѓе, нови светови?
- Силно верувам дека само промените се константни, затоа постојано треба да ги чуваме отворени нашите сетила за сите нови можности и знаења. За среќа, има сѐ повеќе и повеќе (светски, меѓународни) организации што нудат едукативни настани и можности преку кои може да се научи, да се работи и да се сретнат многу интересни лица. Исто така, не знаете кога тоа може да ви помогне со растење во вашиот бизнис и кариера или да добиете повеќе знаење и различни културни перспективи и погледи.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот