X
 10.05.2015 Живот

Проблеми со прилагодувањето на студентите и совети за справување

Запишувањето на факултет е една од најважните животни пресвртници која од една страна донесува нови предизвици и возбудувања, а од друга страна може да биде застрашувачка, особено за студентите кои заминуваат од дома во некој друг град.

После напорното пакување, потребно е да се запознае новиот град, нови луѓе, да се создадат нови навики и механизми за прилагодување.

Голем дел од вас ќе заминат од „семејното гнездо“ и за многу студенти тоа е прво преселување и одделување од семејството. Поголемиот дел ќе одат во студентски домови кадешто ќе мораат да се адаптираат на новиот начин на живот и новите правила. Останатите студенти, ќе делат стан со цимери па затоа потребно е да се сфати дека за се` е потребно компромис. И студентите кои остануваат во својот град не се ослободени од студентските маки. Неопходно е да се напомене дека постојат проблеми кои се заеднички за сите студенти како на пример проблемите со учењето и прилагодувањето на многу поголем материјал за учење.

Со оглед на тоа што студентите се во години кога треба да одлучат за важни животни прашања, и згора на тоа стануваат независни, па треба да изградат кариера, идентитет, да се социјализираат и да пронајдат партнер - јасно е дека постојат многу проблеми кои ја мачат денешната студентска популација.

Како добро да се организира времето?


Студентот мора да биде свесен за тоа дека „добрата организација на времето е половина завршена работа“. Имено, оние кои започнуваат со самостоен живот сега ги преземаат одговорностите во свои раце. Со оглед на тоа дека не живеат повеќе со родителите, сами мора да се будат наутро, да се сетат на обврските кои им претстојат во текот на денот и да се погрижат за оброците. Затоа е потребно да се направи распоред на дневните активности и да се држите до него, а подоцна спонтано сето тоа ќе премине во рутина.

Како да се храните?

Вештините за готвење во студентските денови можат да бидат повеќе од корисни. Добро би било да се потрудите да научите некои едноставни јадења кои ќе ги приготвувате за да заштедите и време и пари.

Како да бидете успешен студент?


За да бидете успешен студент потребно е пред се` редовно да одите на предавања и вежби, што ќе ви донесат поени кои влегуваат во конечната оценка, а притоа ќе го запознаете професорот, ќе дознаете што обично дава на испит и ќе се запознаете со материјалот. Исто така, навреме ќе ги извршшувате вашите предиспитни обврски.

Како да им помогнете на родителите кои ве издржуваат?

За почеток, можете да се информирате за стипендиите и студентските кредити. Исто така, доколку имате време можете да работите за време на викендот.

Како да пронајдете пријатели?

Некои студенти имаат среќа, па и нивниот најдобар пријател се запишува во истиот град или на истиот факултет така што веднаш им е решен проблемот за пронаоѓање на цимери. Но, поголемиот дел немаат среќа, но не постои причина за загриженост. Ќе имате многу колеги на факултет, па доколку сакате да ги запознаете, поканете ги на кафе после предавања.

Како да живеете со цимер?

Сега студентскиот живот бара делење на стан или со непозната личност, или пак со личност која ја знаете но не сте живееле зедно. Најдобро е да се договорите однапред што е дозволено, а што не е. Најважно е да бидете флексибилни и да разговарате за се` што ве мачи. Договорете се за купување на заеднички намирници или ако не можете, секој од вас нека има своја полица во фрижидерот. Договорете се за користењето на заедничките простории како на пример дневната, вц-то итн. На крајот на краиштата, доколку незадоволството е обострано, можеби е потребно да размислите за пронаоѓање на нов цимер.
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот