Минатата година полицијата направила 30.735 контроли на возачи и на возила, а предминатата – 29.155
Нетрпеливи возачи, нервозни пешаци, непрописно паркирани возила по тротоари... се само дел од секојдневната слика во сообраќајот. Не мора да сте возач за да заклучите како се вози, особено во големите градови и во пиковите кога се прават големи метежи – наутро кога се оди на работа и околу 16 часот кога вработените се прибираат дома. Сообраќајната култура не ни е на завидно ниво, а многу од сообраќајните правила или се заборавени или едноставно не се почитуваат.
За да се освестиме дека како учесници во сообраќајот не одговараме само за нашиот живот, туку и за многу други, не е лошо одвреме-навреме да се потсетуваме на казнената политика и статистика. Од Министерството за внатрешни работи побаравме податоци за најчестите прекршоци што се правеле во последните две години.
Минатата година полицијата направила 30.735 контроли на возачи и на возила, а предминатата – 29.155. Д-р Трајче Георгиев, началник на единицата за сообраќајно-инженерски работи во Бирото за јавна безбедност при МВР, вели дека полицајците лани затекнале 5.019 неисправни возила, додека преклани нивниот број бил 3.025. Од сообраќај лани биле исклучени 1.429, додека една година претходно 1.431 возило.
Полицијата лани запрела 150 возачи што доцнеле со регистрацијата на возилото до 30 дена, а 1.089 доцнеле повеќе од еден месец. Казните за возење на нерегистрирано возило (доцнење до 30 дена) се 100 евра, а за поголем период се 500 евра.
858 возачи возеле пијани
Законите дозволуваат 0,5 промили алкохол во крвта кога некој вози. Ова правило не важи за возачите-професионалци. Додека возат, тие не смеат да испијат ниту еден алкохолен пијалак.
Лани со недозволена количина испиен алкохол полицијата фатила 858 возачи.
- Зависно од тоа за колку алкохол станува збор, паричните казни се движат до 400 евра, а возачката дозвола може да се одземе од 3 месеци до 1 година - објаснува Георгиев.
На диво, т.е. без да имаат возачка дозвола минатата година возеле 1.371 лице, а во 2017 година – 1.217. Казните за овој прекршок се движат од 300 до 500 евра.
Полицијата казнува и доколку се вози без ремен или ако се зборува на мобилен, а тоа несовесните возачи може да ги чини 50 евра.
Доколку казните се платат со принципот на порамнување, т.е. во рок од 8 дена, се намалуваат на половина.
- Апелирам сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата и прописите. Сите ние што учествуваме во сообраќајот зависиме едни од други. Поради наши грешки, може да настрадаат невини луѓе - вели Георгиев.
Фото: Борче Поповски
За две години ни загинале 279 лица на патиштата
Статистиката на МВР покажува сериозна состојба кога станува збор за сообраќајните незгоди. Минатата година се случиле 8.931 сообраќајна незгода, додека во 2017 година - 8.942. На патиштата минатата година загинале 129 лица, 950 имале тешки телесни повреди, а 5.788 имале повреди. Преклани загинале 150 лица, 899 имале тешки телесни повреди, а 5.967 се водат како лица со телесни повреди.
Најчеста причина за сообраќајните незгоди е нагло менување на правецот на движење. Ова опасно однесување било причина за 1.619 сообраќајки лани и 1.591 преклани.
Поради тоа што возеле со неприспособена брзина на патот, минатата година се случиле 1.661 сообраќајна незгода, а во 2017 година 1.543.
Трета причина е недозволено престигнување, потоа следуваат неотстапување на пат на првенство на минување, возење во алкохолизирана состојба, поминување на црвено, техничка неисправност на возилото, недржење правец и страна и неодржување соодветно растојание.
Поради грешки на пешаци, лани имало 118 сообраќајки, а поради состојбата на патиштата, 87.