X
 02.02.2018 Култура

Исланд ќе ги казнува работодавците за разликите во платите!


Панорама на Рејкјавик
(Фото: Pixabay)


За еднаква работа мора да биде гарантирана еднаква плата, па во борбата за постигнување на таа цел Исланд е првата држава што со закон и со парични санкции ги обврза работодавците да ја докажат таквата еднаквост.

Од јануари 2019 година компаниите во Исланд ќе мора со документација редовно да докажуваат дека не постои родова нееднаквост при исплатата на платите. Најголемата банка „Лендсбанкин“, која беше национализирана во 2008 година, во текот на финансискиот крах, веќе почна да го применува тој закон.

Елизабет Бјорнсдотир (34), која во министерството за финансии е задолжена за банкарскиот сектор, вели дека лично никогаш не доживеала каква било форма на дискриминација во однос на колегите мажи. Познато е дека Исланд сега е во групата со земји каде што има најмалку родова нееднаквост. „Меѓутоа, токму тоа е една од темелните причини зошто ни е потребен тој закон, затоа што тоа е нешто што не се забележува веднаш. Можеби ви се чини дека е така... но тоа тешко се докажува“ – вели таа.

Во Исланд уште од 1961 година со закон е гарантирана еднаква плата за мажите и за жените, но новиот закон носи комплетен пресврт затоа што сега нема вработените да докажуваат дека постои родова дискриминација, туку тоа ќе го прават компаниите, кои ќе мора да докажат дека и во случај да постои некаква разлика, таа ќе биде правдана со други, а не со родови причини.

Во практиката тоа значи дека работодавците редовно ќе ги проценуваат барањата за определено работно место, како и способностите на секој вработен поединечно. Тој процес ќе мора да биде документиран со објективни критериуми и спроведен на транспарентен начин. Ќе се оценува возраста на вработените, степенот на образование и нивната оспособеност, искуството и додадената вредност која вработениот или вработената ќе ја внесе на работното место. Ако компанијата постапува согласно законот, професионалниот контролор (тоа можат да бидат и консултантски канцеларии) ќе ѝ издаде сертификат со важност од три години.

„Лендсбанкин“ ќе потроши 120.000 евра за да се усогласи со законот, а Балдур Јонсон, кој во банката е задолжен за човечките ресурси, оценува дека казните се правилниот начин за премостување на разликите во платите.

Изминатите неколку години, според индексот на Светскиот економски форум, Исланд беше меѓу земјите со најголема еднаквост помеѓу мажите и жените. Меѓутоа, дури и во Исланд, според националните статистики, разликата во платите изнесува 16,1% , што е европски просек според „Евростат“. Реформата ќе опфати околу 180 исландски компании и 147.000 вработени на тој остров со 347.000 жители.

Работодавците што ќе ги прекршат одредбите од законот ќе бидат пријавени во Агенцијата за родова еднаквост и парично ќе бидат казнети со глоба од 400 евра на ден. Во име на транспарентноста, тие ќе бидат објавувани пред јавноста. На помалите компании ќе им се даде рок до 31 декември 2021 година да се усогласат со законот. Меѓутоа, сите министерства, јавни установи и компании со над 250 вработени ќе мора да се усогласат најдоцна до 31 декември оваа година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура