Иако целиот свет се плашеше од прославата на Денот на победата во Русија и од она што може да го каже Владимир Путин на Црвениот плоштад во Москва, во неговиот говор немаше поголеми најави. Имено, западните претставници и некои воени аналитичари изјавија дека постои можност Путин наместо „специјална воена операција“, да ѝ објави сеопфатна војна на Украина. Но Путин воопшто не го спомена зборот војна.
Рускиот претседател ја повтори својата теза за оправданоста на инвазијата на Украина, велејќи дека НАТО создал егзистенцијална закана на нивните граници и дека рускиот отпор е единственото правилно решение.
Поранешниот британски амбасадор во Русија, Тони Брентон, смета дека настапот на Путин може да биде знак дека на војната во Украина ќе наскоро ќе ѝ дојде крајот. Иако Путин неодамна испрати вознемирувачки знаци дека се губи, неговиот говор беше „кохерентен“ и многу професионален, вели Брентон.
Охрабрувачки е тоа што говорот на Путин остави впечаток дека тој е рационален, рече Брентон.
- Можеме да се надеваме дека со текот на времето ќе биде можно да се постигне разумен договор со него за да се стави крај на овој хаос - додаде тој.
И аналитичарот на „Скај њуз“, Лорд Данат, верува дека рационалноста на Путин е исклучително важен фактор.
- Ирационалноста на потенцијалното лудило на Путин е вистинска загриженост, особено ако тој не е добро. Но, за време на говорот ми изгледаше прилично здрав - вели Данат.
Русија во улога на жртва
Катарзина Зиск, руски воен експерт, истакнува дека Путин, зборувајќи за заканите од НАТО, ја става Русија во улога на жртва.
- Сето тоа е дел од планот Русија да се прикаже како тврдина под опсада и да се обвини Западот за секој руски неуспех од 90-тите години. Не е изненадувачки што тој употреби носталгија во својот говор и го пофали Советскиот Сојуз - рече Зиск, додавајќи дека е изненадена што тој не ги спомена прозападните предавници во Русија.
Во говорот недостига победа
Според новинарот на „Фајненшл тајмс“, Макс Седон, во говорот на Путин недостига победа.
- Тој рече дека руските војници херојски се борат во Донбас, но не го спомена Мариупол или која било друга територија окупирана од Русија. Путин не даде никаков знак дека инвазијата навистина може да заврши - вели Макс Седон.
Новинарот на „Скај њуз“, Марк Остин, смета дека е најинтересно што Путин признал дека руските војници трпат загуби во Украина.
- Смртта на секој наш војник и офицер е голема трагедија за сите нас и голема болка за нашите роднини. Ќе им дадеме посебна поддршка на децата на загинатите и ранетите војници - изјави рускиот претседател.
Извор:
Telegram.hr
Фото: Screenshot/YouTube