X
 19.09.2018 Технологија

Најважната руска државна корпорација за која не сте слушнале

Изградба на уникатен онколошки центар, развивање вакцини со индиски партнери, презентација на кациги што служат за размена на информации помеѓу мозокот и електронските уреди, модернизација на авионите „бериев“ за странските пазари, нови модели на автомобили „лада“, една и пол милијарда долари вредни договори склучени на воениот саем - ова се само дел од новостите што само во последните три недели ги објави една корпорација. Помалку во сенка од американските и европските военотехнолошки гиганти, веќе десет години работи за широката јавност малку познатиот „Ростех“ - руски високотехнолошки и воен конгломерат во сопственост на државата.

„Ростех“ била создадена во 2007 година како „Ростехнологија“, официјално Државна корпорација за помош во развојот, производството и извозот на напредните индустриски производи, но за разлика од познатите компании што доаѓаат од Запад, па дури и од Кина, за „Ростех“ дури и по 10 години работење широката јавност знае многу малку, и покрај импресивните вести и достигнувања.

Корпорацијата била основана со закон потпишан од страна на Владимир Путин, а може да се опише како национални руски напори да му се спротивстави на светот и да им конкурира на високотехнолошките компании од Западот, како „Боинг“, „Ербас“, „Сименс“, „Волво“ и други.

За почеток неколку бројки: во компаниите што се под контрола на „Ростех“ минатата година работеле над половина милион луѓе, а вкупниот приход изнесувал 20 милијарди евра. Во рамките на конгломератот има стотина помали и поголеми компании. Корпорацијата е замислена како еден вид организација за консолидација за огромната, но назадна руска индустрија. Тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев кон средината на 2008 година под „Ростех“ префрлил повеќе од 400 компании, од кои најмалку половина се наоѓале во сериозни проблеми и во текот на неговиот мандат биле критикувани како бездна во која без потреба се фрлаат пари.

Вистински замав државната корпорација добива по враќањето на Владимир Путин на претседателската фотелја во 2012 години. Според информациите, компанијата не се занимава само со земјоделство.

Најпознатата руска корпорација за извоз на оружје и воена технологија - „Рособоронекспорт“ е под контрола на „Ростех“. Автомобилската компанија „АвтоВАЗ“, произведувач на автомобили „лада“, и производителот на камионот и автобусот „камаз“, кој тестира нова серија електрични автобуси, исто така се под „Ростех“.

Познатиот произведувач на оружје „калашников“? И тој е под „Ростех“. Компанијата „Росел“, која се занимава со производство на електроника и автоматика и која на почетокот од летото го претстави првиот руски криптографски мобилен телефон наменет за воениот персонал и бизнисмените, исто така е дел од „Ростех“. Освен тоа, „Ростех“ и нејзините компании се занимаваат со дизајн и производство на нови генерации на хидроглисери, мотоцикли, беспилотни летала, електромагнетно лично вооружување, аудиоопрема, хемикалии, болничко-дијагностичка опрема, вакцини, протези...

ВСМПО-АВИСМА е еден од најпознатите производители на производи од титаниум и соработува со „Ербас“, „Боинг“, „Ролс-Ројс“ и голем број други компании.

На чело на „Ростех“ уште од самото основање е Сергеј Чемезов. Според достапните информации, во средината на 80-тите години работел како претставник на Советската организација за рударство и високата технологија „Луч“ во Источна Германија, каде што се спријателил со Владимир Путин, тогашен агент на советската тајна служба КГБ во Дрезден. Во текот на 90-тите години Чемезов променил неколку политички позиции, а од 2001 до 2007 година се наоѓал на позиција заменик, а потоа и извршен директор на „Рособоронекспорт“.

Чемезов кон крајот на минатата година изјави дека санкциите наметнати против Русија по воената интервенција во Украина нема да успеат. Владата на Барак Обама во 2014 година го забрани влезот на Чемезов во САД, а „Ростех“ беше подложена на санкции.

Администрацијата на „Ростех“ е составена од поранешни државни функционери и/или директори на клучни и големи руски компании. Поранешниот заменик-шеф на руската царина Николај Волобјујев му е заменик на Чемезов, поранешниот руски министер за одбрана Анатолиј Серџуков е директор на авиосекторот во „Ростех“, поранешниот шеф на руската вселенска агенција, Јури Коптајев, е претседател на научнотехнолошкиот совет на „Ростех“, а за инфраструктурните проекти е задолжен поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Виктор Кирјанов.

Според изјавите на Чемезов од 2012 година, целта на „Ростех“ е да им помага на руските компании да се развијат и еден ден нивниот капитал да им го понудат на заинтересирани инвеститори. Според профилот на индустријата и технологијата со која се занимаваат добар дел од нив, тешко е да се верува дека Русите своите технолошки предности лесно ќе ги стават во јавниот домен или во приватна сопственост. Компанијата се служи со сличен рецепт како индустриските компании во САД или во Европа. Заедно со видлива и помалку видлива помош и државна соработка се развива висока технологија што потоа се извезува во светот.

Ако може да им се верува на бројките, компанијата „Ростех“ доживеала загуба во работењето само во 2009 година. Помалку или повеќе покажува константен раст, што значи дека руската државна корпорација е успешна во тоа што го работи. Советската историја покажа дека руската технологија и наука никако не може да се занемаруваат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија