X
 26.06.2018 Наука

110 години од мистериозната Тунгуска експлозија, а причината за неа сѐ уште е нејасна

Деновиве се навршуваат точно 110 години од познатиот Тунгуски феномен. Имено, на 30 јуни 1908 година, околу 7:15 часот, голема огнена топка блеснала на небото над Тунгуската област во западен Сибир во Русија, а веднаш потоа се слушнала силна експлозија. Таа предизвикала тотално уништување на живиот свет на површина од околу 3.200 km2 (колку целата Пелагониска Котлина), при што изгореле околу 80 милиони дрвја, загинале стотици ирваси и др. За среќа и по малку чудно, без оглед на огромната експлозија, се претпоставува дека само еден локален сточар починал и тоа откако бил отфрлен од експлозијата. Жителите од најблиските населени места: Арансахои, Хајта, Aнгарск и Oнот сведочеле дека тоа утро времето било сончево и тивко, без ветер и облаци. Десетина минути по 7 часот наутро, на небото се појавилa долга светла трага, која нагло преминала во сјајна топка – толку сјајна што луѓето не можеле да гледаат во неа, како да се појавило уште едно Сонце. Тоа траело неколку секунди, по што се слушнала извонредно силна експлозија – како одеднаш да се случиле стотици громови. Веднаш по експлозијата се појавил врел воздушен бран, кој рушел дрвја и палел сѐ пред себе. Кога стигнал до блиските села (оддалечени 50-150 километри од местото на настанот), уште имал таква сила што кршел прозорци и огради, земјата се тресела, се слушале татнежи и речиси наеднаш сѐ се смирило“.

За силината на експлозијата зборува фактот што таа била регистрирана и од сеизмографите во Велика Британија (оддалечени над 5 илјади километри), а американските астрономски опсерватории, неколку месеци по експлозијата, известувале за значително намалената видливост кон небото. Во западна Русија,  деновите по експлозијата, ноќите биле толку светли (веројатно од пожарите) што можело да се чита. Според разни процени, се смета дека силата на експлозијата била помеѓу 5 и 15 мегатони ТНТ, што е речиси 200 пати посилно од нуклеарната бомба фрлена врз Хирошима и околу 1/3 од најсилната досега предизвикана нуклеарна експлозија (Руската т.н. цар-бомба од извонредни 50 мегатони).

Фото: ИГЕО Портал

И покрај наведеното, првите истражувања на тунгускиот настан започнале дури 2 децении подоцна, односно во 1927 година, од страна на рускиот тим предводен од Леонид Кулик. Кога стигнале на местото, штетата сè уште била очигледна, со голема површина уништени шуми и искривени до легнати стебла. Според сите траги и сведоштва, Кулик сметал дека огромен метеор експлодирал во атмосферата. Сепак, тимот не нашол ниту кратер ниту остатоци од метеорит, што го објасниле со мекоста и порозноста на мочуришната почва во која „пропаднале“ остатоците. Неколку децении подоцна повторно се зголемил интересот за настанот, а нови тимови руски истражувачи констатирале дека експлозијата не била од метеор, туку од комета. Кометите во поголем дел се составени од мраз и прашина, а не од цврста карпа како метеоритите, па затоа не можеле да се најдат камени остатоци. Половина век по настанот, односно во 1958 година, нова експедиција открила мали остатоци од силикат и магнетит во почвата. Понатамошните анализи покажале дека има остатоци и од никел, што е честа појава кај метеоритите. Во 1973 година, по појавата на теоријата за постоење на вселенски црни дупки, во реномираното списание Nature излегла статија што укажувала дека тунгускиот настан веројатно е резултат на судир на црна дупка со Земјата, што пак било отфрлено од други научници.

Во 2013 година, тимот предводен од Виктор Квасницја од Украинската националната академија на науките анализирал микроскопски примероци на карпи од метеорско потекло, собрани од местото на експлозија. Фрагментите што ги анализирал биле обвиткани од тресетен слој настанат во 1908 година. Виктор заклучил дека истражувачите поминале премногу време во потрага по големи парчиња карпи, а она што било потребно е да се бараат многу мали честички како оние што ги проучувал неговиот тим. Сепак, на Земјината површина често може да се најдат микроскопски честички од метеори, така што и ова истражување не дава целосно објаснување.

Фото: ИГЕО Портал

Како и да е, денес најприфатена теорија е дека Тунгуската експлозија била предизвикана од космичко тело (со пречник од 20 до 50 метри) како астероид или комета што се судрило со атмосферата на Земјата. Повеќето астероиди имаат доста стабилни орбити, од кои многу се наоѓаат во астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер. Меѓутоа, разните гравитациони интеракции можат да ги натераат да ја променат својата орбита. Она што ја прави Тунгуската експлозија толку драматична е тоа што е мошне редок случај на т.н. „мегатон“ настан. Но, приказната за Тунгуската експлозија не е завршена. Бидејќи точниот причинител на експлозијата останал загатка, сѐ уште се во оптек разни па и неверојатни теории: од тоа дека можеби е резултат на судир на материјата и антиматеријата, или дека станува збор за судир на Земјата со мала црна дупка, па до тоа дека можеби експлодирал вонземски вселенски брод.

За жал, ние сѐ уште сме и уште неколку децении ќе останеме беспомошни од слични настани. Ако некоја друга експлозија како што е Тунгуската се случи над населена област, или уште пострашно над поголем град, тоа би предизвикало илјадници жртви. Сепак, да се надеваме дека до такво нешто наскоро нема да дојде.


Подготвиле: Христијан Марковиќ, ученик во СОУ „БОГДАНЦИ” – Богданци и Славица Тенекиџиева, дипломиран географ

Стручна корекција и рецензија: д-р Ивица Милевски
Извор: ИГЕО

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука