На саемот на книгата во Скопје, кој траеше една недела, годинава се претставија повеќе од 60 издавачки куќи од Македонија, Турција, Србија, Косово и од Албанија. За време на саемот се доделија наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) и се организираа повеќе од 30 промоции во промотивниот центар.
По пауза од две години поради состојбата со пандемијата, саемот се одржа во својот редовен термин во спортскиот центар Арена „Борис Трајковски“, а посетителите можеа да дојдат во неограничен број. На саемот присуствуваа делегации од Министерството за култура и туризам на Турција кои во соработка со Турскиот Културен Центар „Јунус Емре” и Министерството за култура на Македонија овозможија уметници и автори да допатуваат од Турција за промоција и потпишување на своите книги. Под покровителство на Министерството за култура на Македонија заврши 34. меѓународен Саем на книга 2022.