Многу луѓе одбиваат да читаат кога ќе видат дека романот има премногу страници. Во ситуација кога се сигурни дека во текот на работните денови нема да стигнат да прочитаат повеќе од неколку страници и ќе заборават за викендот, тие свесно или несвесно одлучуваат да не ги читаат најдобрите дела.
Наместо тоа, тие избираат т.н. лесна литература за време на викендот. Сепак, тоа не мора да биде така. Постојат голем број кратки романи и романи чија книжевна вредност не се доведува во прашање и покрај тоа што може да се прочитаат во едно саботно попладне. Ви нудиме неколку такви.
1. „Животинска фарма“, Џорџ Орвел (1945 година)
Алегоријата на Орвел за Октомвриската револуција и нејзините последици е малку повеќе од 100 страници. Романот се случува на фарма на која животните сакаат да се ослободат од нивниот сопственик, господинот Џоунс, и да го преземат имотот. Организирано првично како рамноправна утопија, нивното ново општество за брзо време станува тиранија бидејќи „сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите“.
2. „Божиќна приказна“, Чарлс Дикенс (1843)
Во фокусот на романот е Ебенезер Скруџ, скржавец кој на Божиќ го посетува дух од неговиот одамна починат деловен партнер Џејкоб Марли. Тој му кажува што го чека по смртта ако продолжи по патот на алчноста и самољубието, но и му открива дека сепак има шанса да ја промени својата судбина. Овој роман (околу 90 страници) безброј пати е екранизиран и редовно се емитува на телевизија за време на божиќните празници.
3. „Глувци и луѓе“, Џон Стајнбек (1937)
Како и многу други дела на Џон Стајнбек, и овој роман (120 страници) се случува за време на Големата депресија. Главните протагонисти на романот се Џорџ Милтон и неговиот пријател Лени Смол, кој е ментално заостанат. Вработени на плантажата во Калифорнија во текот на економската криза, тие двајцата сонуваат еден ден да работат на своја фарма, меѓутоа, несреќен сплет на околности овој сон ќе го доведе под знак прашалник.
4. „Малиот принц“, Антоан де Сент Егзипери (1937)
За „Малиот принц“ често се вели дека е детска книга што треба да ја прочитаат и возрасните. Ова е приказна за пилот кој се нашол во пустина со момче од друга планета откако неговиот авион се срушил за време на Втората светска војна. И додека тој се обидува да го поправи својот авион, малиот принц наредните осум дена ќе му ја раскажува својата интересна животна приказна.
5. „Старецот и морето“, Ернест Хемингвеј (1954)
„Старецот и морето“ е последното големо
дело на Ернест Хемингвеј. Го напишал во 1951 година додека живеел во Куба. Во овој краток роман се опишани деновите на несреќниот рибар Сантијаго, кој не успева да улови ништо. По 84 сушни дена, конечно му се укажува шанса да улови риба, но не без голема борба.