X
 25.09.2020 Култура

На денешен ден почина Петре М. Андреевски, еден од најзначајните македонски писатели

Петре М. Андреевски е еден од најзначајните македонски писатели на сите времиња од таканаречената втора генерација македонски писатели.

Пишувал стихови, раскази, романи, драми и филмски сценарија.

Андреевски создавал дела кои не само што ја промениле свеста за литературата кај македонскиот читател и не само што иницирале цели генерации што се угледувале на тој модел, туку успеале да ја сменат и македонската критичка свест. Андреевски и ден-денес има широка читателска публика и неговата прозна композиција не е потпрена врз фабулата, туку врз самиот чин на раскажувањето.

Со неговото заминување книжевниот свет изгуби еден од најголемите прозаисти, поети и драмски автори во поновата македонска историја. Македонија го изгуби бардот чии дела оставија траен печат на нашата модерна литература и книжевност. Академик Андреевски несомнено е дека ќе остане светилник на патот во понатамошното чекорење и опстојување како народ и држава.

„Ама секоја куќа има свој нужник, што се вели, и секој народ има свој предавник. Нашата историја е повеќе прочуена со предавници отколку со херои. Така кажуваат и народните песни. Најубавите деца сами си ги јадеме или ги подметнуваме во туѓа служба, како кукавицата своите јајца во туѓите гнезда. Некој војвода има речено: за да станеш предавник, доволно е да си Македонец. Ништо не ти треба друго и ништо повеќе. Господ да ни е на помош, би рекол, зашто и нашиот господ е шпион...“

Извадок од „Небеска Тимјановна“, 1988 година
petre

„ Не знам кој направил, но беше било направено секој да си одбере по една страна во животот. Всушност, таа страна друг ни ја избира, но сите ја засакуваме како сопствен избор. И едни стојат на едната страна, други стојат на другата. И не знаеш кој стои на погрешната страна. А и не знаеш зошто сите мислат дека се на вистинската. И се гледаат сите така од својата страна, се гледаат. И се мразат со омраза која ја имаат и кон себеси. Така и си завидуваат, така и се презираат или се клеветат. Или можеби се љубат?“

Извадок од „Тунел“, 2003 година

Умилкување

Ќе ги отпретам сите горештини од твојата глава,
ко суво дрво на сува рида реките ќе ги заковам.
Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња
ќе те љубам и губам и во пости и пред гости
само да ме сакаш.

Ќе ги поткупам сите човечки сетила и патила.
Сите светлосни преѓи пресијазол ќе ги врзам,
сите денови и ноќи на својот почеток ќе ги вратам,
ќе ти дадам сè што е солено и молено
само да ме сакаш.

Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокам
ќе ги затнам сите извори, сè што гори ќе отворам.
Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,
ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица
само да ме сакаш.

Ќе ги шпионирам сите крадци на твоите часови.
Ќе ги исфрлам од употреба страните на светот
и светот, по црна ноќ, одмижанка ќе го истрчам
и ќе те фалам и кудам под сите небеса
само да ме сакаш.

Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,
на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,
не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,
со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам
само да ме сакаш.



Ако не си ти

Доближи се слико на светот од едниот до другиот крај
и по бојата на твојот фустан ќе погодам
како ќе изгледа времето.
Инаку во чија глава би ме темнело
и во чија соба би ме разденувало,
ако не си ти.

Зборот мој внесува поголем простор во помалиот
и јас постојам само онаму кај што и ти постоиш.
Оти никогаш досега не сум поминал
онаму кај што ти не си била.
Затоа не знам кого би го мразел и кого би го сакал,
ако не си ти.

Навечер ја вадам мојата куќа од твојата куќа
и светлото на инсектот од незнајните гласови
што ги `рѓосуваат машините во пчелите.
И пак не знам каква ракија би пиел
и кој со мојот сон би спиел,
ако не си ти.

Што не може да каже земјата му го порачува на растението,
додека јас со туѓо лице те пронаоѓам,
а со твоето те губам.
И додека насекаде се распрашувам
на кој крај од светот
би се разминувале денот и ноќта,
ако не си ти.

Доближи се како цветот што има корен на небото
и по бојата на твојата уста ќе погодам
во кој овошен плод ќе заврши летото.
Инаку кој дури зборува ќе го отвара кафезот
за да ја пушти птицата што го збогатува воздухот,
ако не си ти.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура