Костадин Камчев e аудиоинженер, по потекло од Кавадарци, а со години живее во Њу Џерси. Таму го преселил и своето музичко студио „Моцарт“ и секоја година бројот на неговите клиенти, звучни имиња и реномирани музички ѕвезди, постојано расте. Досега неколку пати бил дел од музичката манифестација „Греми“, а трипати бил номиниран за престижните музички награди „Греми“ со својата музика и инженерски ангажман
Костадин Камчев e аудиоинженер и цел живот ѝ е посветен на музиката. Го основал своето студио во Кавадарци, своевремено го преселил во Скопје, а денеска неговата музика и енергија пулсираат во Њу Џерси. Работи со големи имиња и веќе афирмирани музички ѕвезди, а неколку пати со својата музика и ангажман е номиниран за музичките награди „Греми“.
- Да се биде дел од една ваква светска музичка манифестација само по себе е како сон. Да се биде во друштво со најголемите светски имиња, од кои ситe имаат историја и тежок пат при градење на сопствената кариера, е голем успех исто така. Најголем впечаток на „Греми“ ми остави почитта што ја имаат артистите помеѓу себе, тоа е за восхит. Многу сум задоволен што една ваква светска организација ги препознава луѓето од другата страна на стаклото во музичките аудиостудија, како важен дел од целата машинерија на музичкиот бизнис – споделува Костадин Камчев.
Пионер за снимање аудио на компјутер во Македонија
Роден е и пораснат во Кавадарци. Со музика се занимава уште од рани години.
- Во второ одделение се запишав во основното музичко училиште во Кавадарци. Поради учењето на вежбите по слух, го добив прекарот Моцарт, од каде што подоцна произлезе и името на моето студио. Подоцна бев еден од основачите на групата „Дејзи“, со која настапивме на многу манифестации и локални концерти. Кога бев втора година во гимназијата во Кавадарци, станав член на групата „Токму така“ како басист, а замена на Љупчо Каров - Бубо (Цацко). Со „Токму така“ имавме многу настапи. Освоивме неколку први места на македонските рок-фестивали, трето место на гитаријадата во Заечар и многу други настапи. Снимањето музика отсекогаш ме привлекувало. Секогаш се интересирав за технологијата на снимање, кога снимавме во Македонската радио-телевизија, во Продукцијата на грамофонски плочи (PGP) во Белград, каде што Оливер Мандиќ ни беше извршен продуцент, додека Зана Нимани продуцент. Отсекогаш сум бил љубопитен што се крие во копчињата на миксетата, како звукот е сниман на магнетофонска лента, а подоцна и како функционира дигиталната технологија – ни споделува нашиот соговорник.
Вели дека бил пионер за снимање аудио на компјутер во Македонија.
- Работев на Pro Tools системот во моето студио „Моцарт“ во Македонија, систем кој стана и сѐ уште е стандард за снимање професионално аудио во сите најголеми светски студија. Моето студио го отворив во Кавадарци, во почетокот на деведесеттите години, во куќата каде што живеев. Се снимија доста интересни материјали и почетоци на многу артисти. Првиот албум на „Ласт експедишн“, Кокан Димушевски го продуцира првиот албум на Ѓоко Ѓорчев, почетоците на Катерина Танева и „Нели ти реков“, Јасминка Мукаетова и многу други. Подоцна, од соработката со Сашко Веков произлезе целата продукција на издавачката куќа на Аце, „Сенатор“ од Битола, која беше снимана токму во Кавадарци; Сашко како аранжер и музичар, јас како снимател. Многу од фолк-пејачите снимаа тука, Сузана Спасовска, Пепи Бафтировски, Благица Павловска, Марјан Коцев… Дамир Имери направи неколку снимки и аранжмани за разни пејачи. Тој всушност ми ја даде идејата да го преселам студиото во Скопје – раскажува Камчев.
Најдраг спомен снимањето „Усни на усни“ со Тоше Проески
Истовремено во Кавадарци бил и сопственик на една од првите приватни радиостаници во Македонија - „Радио Кец“ на фреквенција 102,3. По 3 години работа на радиото, го затворил студиото и решил да го пресели во Скопје.
- Студиото „Моцарт“ го преселив во Стара телевизија, некаде во 1997 година, каде што работев со најголемите македонски ѕвезди од забавната и од народната музика. Се снимија неколку фестивали, како „Охридски трубадури“, дел од Скопскиот фестивал во 1998 година, снимањето беше првпат во компјутер во Македонија. Работев со групата „Биоритам“, Сашо Гигов - Гиш, Андријана Јаневска, Благица Павловска. Групата „Кода“, Бодан Арсовски, Ѓоко Таневски, Тања и Лидија Кочовски, Дуле и Коки, Ристо Вртев, Тања Станковиќ, Есма Реџепова, Драган Даутовски, Дуке Бојаџиев се само дал од музичарите со кои имав можност да работам додека бев во Македонија. Еден од најдрагите спомени ми е снимањето на песната „Усни на усни“ со Тоше Проески. Никогаш нема да го заборавам чувството кога првпат го слушнав неговиот глас на тукушто купениот „винтиџ њумен“ микрофон! Сѐ уште го чувам микрофонот како непроценливо богатство за мене – се присетува нашиот соговорник.
За преселувањето во Америка вели дека било непланирано, но по добро размислување, со сопругата одлучиле да се преселат за да можат децата, кои биле на возраст од 3 и 6 години, да го почнат образованието таму.
- Тоа се случи откако татко ми отиде на посета во Америка, каде што остана да работи, а набргу и мајка ми се пресели таму. За кратко време тие добија зелени карти, со кои станаа државјани на Америка. Јас веќе работев со полна пареа во студиото „Моцарт“ во Скопје кога и ние како фамилија добивме иселенички визи. Ја спакував опремата, ја пратив на брод еден месец пред нашето заминување и на почетокот од 2000 година, во март, се преселивме во ветената земја. Јас воопшто не зборував англиски, предност ми беше што разбирав англиски само писмено. Ама со текот на времето научив од неуморното преведување на упатствата за работа на секое парче опрема што го имав купено - вели Костадин.
Во 2002 отворена американската верзија на „Моцарт“
Иако не зборувал англиски, пробал да се вработи во студио во Њу Џерси каде што ја добил позицијата инженер врз база на миксање на песна од аналогна 24-канална лента, од која сопственикот на студиото се воодушевил.
- Тоа беше неговиот тукушто завршен албум од неговиот бенд, кој јас го премиксав по тестот. Работењето во студиото ми помогна многу со англискиот и со запознавањето на локалните музичари и музичката сцена во Њу Џерси и Њујорк. Во 2002 конечно ја зедов мојата опремата од магацинскиот простор каде што ја чував и ја отворив американската верзија на студиото „Моцарт“. На почетокот беше многу тешко, но полека почна да се проширува листата со клиенти. Денес, студио „Моцарт“, и јас како инженер и сопственик, е домаќин на многу светски музички имиња, од сите жанрови. Јас главно во студиото работам како аудиоинженер, снимам и миксам разноразни стилови на музика, а некогаш работам и како студиски музичар на бас, тапани, пијано… – посочува нашиот соговорник.
Работел и сѐ уште работи со Лени Вајт (од бендот „Ретрн то форевр“), Рон Картер („Квинтет Мајлс Дејвис“, Херби Хенкок, Вејн Шортер...), Џон Скофилд (Мајлс Дејвис, Дејв Либман, Чарлс Мингус,...), Оз Ној, Стенли Кларк, Кристијан Мекбрајд, Џон Патитучи, Катрина Лешковиќ („Катрина анд д вејвс“), Боби Рондинели (тапанар во „Рејнбоу“, „Скорпионс“, „Блу Оистер калт“...), Томи Прајс (кој е член на „Џоан Џет“, „Били Ајдол“...), Касим Султон („Блу Оистер Калт“, „Мит Лоф“...), Џени Даглас (која работи со Тина Тарнер, Елтон Џон, Тото, Пинк...), Ники Ричардс (која работи со Мадона, Мараја Кери, Витни Хјустон, Мајкл Џексон, Тина Тарнер,... ) и многу други.
- Деновиве го миксам последниот, двоен албум на светскиот тапанар Стив Смит и неговата група, „Вајтал информејшн“, која годинава прославува 40 години постоење. Инаку тој е познат и како член на една од најголемите американски рок-групи „Џрни“. Откога сум во Америка, на неколку пати имав соработка со македонски артисти, од кои можам да ги издвојам Браќата Тавитијан, за кои ги миксав изданијата „Македонско срце чука во 7/8“ во кои се појавуваат повеќе поранешни југословенски пејачки ѕвезди, а исто така, работев на албумот „Пијан Славеј“ на одличната македонска група „Фолтин“, како и германската верзија на албумот – изјавува Камчев.
Три номинации за „Греми“
Првпат стапил во контакт со Греми академијата кога станал гласачки член во 2003 година.
- Со сопругата првпат бевме дел од оваа манифестација во 2008 година, која беше јубилејната, 50. година за „Греми“. Нам ни беше 15-годишнина од брак, па беше неверојатно чувството да се биде помеѓу светските музички ѕвезди во таа специјална пригода за нас – ни сподели Костадин.
Првата номинација за „Греми“ ја добил на 57. издание на доделувањето на наградите.
- Тоа се одржа во 2015 каде што госпел-проектот на артистот Вилијам Мекдаул -„ Withholding Nothing“ беше номиниран за „Греми“, а од кој дел беше снимен во студиото „Моцарт“, а јас бев асистент инженер. Моjата втора номинација за „Греми“ дојде од соработката со ветеранот во филмската музика Ханс Цимер, за кого ги снимив сите главни вокали што ги изведува одличната вокалистка Лоара Котлер. Тоа беше работа од две години додека владееше пандемијата. Ханс Цимер беше номиниран за неговата музика од филмот „Дина“, на кој јас сум кредитиран како додатен инженер. Третата номинација за Греми ја добив оваа година, како снимател на Тропикал латин албум (Tropical Latin Album) од групата „Спениш харлем оркестра“ (Spanish Harlem Orchestra - Imàenes Latinas). Инаку групата е многу популарна во Америка, има добиено три „Греми“ претходно – ни сподели Костадин.
Да се биде дал од една ваква светска музичка манифестација, според Коста, е како сон.
- Да се биде дел од една ваква светска музичка манифестација е како сон. Да се биде во друштво со најголемите светски имиња, од кои ситe имаат историја и тежок пат при градењето на сопствената кариера, е голем успех исто така. Најголем впечаток на манифестацијата ми остави почитта што ја имаат артистите помеѓу себе, тоа е за восхит. Многу сум задоволен што една ваква светска организација ги препознава луѓето од другата страна на стаклото во музичките аудиостудија, како важен дел од целата машинерија на музичкиот бизнис – споделува Костадин Камчев.
фото: приватна архива