X
 17.07.2021 Наша тема

Иновациите на професорот Димитрија Ангелков - подвижен респиратор, паметни канти... се како вруток, постојано извираат од практичните потреби

Иновациите на професорот Димитрија Ангелков од Кавадарци во 2020 година, кога пандемијата на коронавирусот зеде широк замав во Македонија, ѝ дадоа надеж на јавноста дека земјата може сама да пронајде решенија во медицината кои ќе им помогнат на граѓаните што полесно и побрзо да се надмине здравствената криза.
Механички респиратор, паметна интерактивна училишна табла, паметни канти за селекција на отпадот, термометар со дигитален сензор, филтри за прочистувачи, визир-маски за заштита, машина за кислород...

На идеите на професорот по компјутерска техника во електро-машинското средно училиште „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци им нема крај. Тие се како извор, постојано извираат од практичните потреби на граѓаните и општеството, а професорот Димитрија вели дека единствената цел му е тие да најдат што поширока примена во училиштата, медицинските центри и компаниите.
Неговиот иновативен дух годинава го препозна и Државниот завод за индустриска сопственост, кој му ја додели наградата Патент на годината за 2020 благодарение на пронајдокот респираторна машина.
Респираторот му бил стара идеја, но интензивно ја развил откако почна пандемијата на ковид-19. Благодарение на јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој за иновативни решенија за справување со последиците од ковид-19, професорот Ангелков разви лесна, мала и пренослива респираторна машина. Но, бидејќи кај нас нема соодветна лабораторија за сертификација на патентот, професорот тоа ќе го стори во Љубљана, Словенија, каде што има таков институт.



- Потребен е сертификат од Словенија, од Институтот за сертификати и контрола и за 45.000 евра ќе може да се користи во сите амбулантни возила, болници и клиники. Респираторот се користи без прекин минимум 14 дена.
Другите решенија имаат турбини и мотори кои греат и мора да се исклучуваат, па затоа чинат над 20.000 евра. Преку мојата фирма „Интерактивна иднина“, респираторот чини 500 евра. Јас го склопувам од постојни проверени делови кои се користат во индустриската автоматика. Оваа иновација значи поевтино производство на практично решение кое не прави шумови и не им пречи на пациентите – истакна професорот Ангелков.

Предноста на ова решение е што компресорот за воздух може да се намести во болнички подрум и компримираниот воздух да се однесе до секој болнички кревет.

- Амбу-маската херметички е ставена во кутија, нема физички маани и нема што да се расипе. Јас ги правев сите варијанти, механички, со мостови, со мотори... Но, по ден-два амбу-маските се оштетуваат. Додека со компримиран воздух, притисокот сам се распоредува. Практично е што може да се носи во амбулантна кола оти секое возило има мал компресор внатре. Мала е потрошувачката и може да се користи во домашни услови, односно секој пациент може сам да си го намести без лекарска асистенција – рече Ангелков, кој поставил еден респиратор во ординацијата на неговата сопруга, која е стоматолог.
Димитрија Ангелков аплицирал уште со два проекти во ФИТР кои не биле поддржани, но успеал да ги изработи сам. Првата апликација бил тунелот за дезинфекција кој бил испробан на градскиот пазар во Кавадарци. Втората апликација е термометар со дигитален сензор за температура, кој дава различни звучни сигнали во зависност од висината на температурата.



- Корисен е ако чувате дете или постаро лице. Ако детето крева температура, уредот пушта сигнали и ќе те разбуди и ќе направиш нешто. Значи детектира раст на температурата и ја меморира температурата на пациентот. Такво нешто да се произведе чини 500 денари и многу помага. Ова е проблем на светско ниво што ќе се реши со мал уред – објасни тој.

Професорот почнал да иновира кога имал 15 години, а првиот проект му бил едноставна заштита за бојлер со хидрауличен вентил кој е врзан директно за грејачот. Нему му пречело тоа што луѓето заборавале да го исклучат бојлерот пред да влезат да се тушираат и што постои црна статистика со несреќи предизвикани од проблеми со бојлерите. Го решил проблемот така што со овој вентил ладната вода е сопрена и не може да циркулира сè додека не се исклучи бојлерот од контролната табла.
Ангелов секој ден прави нешто ново и секојдневно пробува да ги реши локалните проблеми со образованието, животната средина и медицината. Во меѓувреме успеал да ја направи и машината за кислород, но и таа, како и респираторот, треба да оди на одобрување во Институтот во Љубљана, за кое исто така ќе треба да се платат 45.000 евра за користење.



- Направивме над 47 паметни канти за автоматска селекција на отпад. Во овие канти можете да фрлите што било и машината ќе ги подели на лименки, стакло, пластика, хартија... Пандемијата ми даде доволно мотивација. Еве, на пример, паметните табли кои ги произведувам шест години. Никој не се нафаќа да ги прави во земјата. Кај се универзитетите, кај се професорите, асистентите. Јас ги продавам, но имам нарачки од пет до десет табли месечно. А можам да ја снабдам цела земја со 5.000 училници со паметни табли. Правам 12 програми по хемија, физика, ликовно, музичко, англиски, француски, македонски, историја, математика и бесплатно им ги давам програмите за да можат да работат. Мојата табла е пиши-бриши, има двојна намена да ја користиш како бела табла – вели тој.



Една од најнеобичните идеи му е локаторот за изгубени миленици кој може да се користи и за автомобили и кој им дава надеж на корисниците дека можат да го пронајдат миленикот или нешто што е украдено ако се реагира навреме.

- Локаторот пушта тонски сигнали, работи без ГПС и како што му се доближуваш, така титка сè посилно па многу лесно ќе се најде миленикот. Може да се стави во женска чанта, сигналот фаќа до 500 метри и многу е корисен за наоѓање работи. Може да се вгради во детска чанта за училиште, во паметен часовник. Корисен е особено во лето, на плажа, каде што милениците и децата може да залутаат во толпата. Со овој изум имаш надеж дека ќе го пронајдеш миленикот ако е во близина – рече професорот, кој сега е актуелен со иновацијата за користење пластика во асфалтната маса наместо битумен.
Во пандемската година професорот и неговиот тим направија и програма за часови по математика во која има многу игри, анимации, едукативни игри, статистика и интерактивни задачи на македонски јазик.



Малкумина знаат дека професорот е еден од пионерите на дуалното образование во Македонија. Тој го почнал проектот со Германецот Уве Грунер, со кого развиле модел како да го ископираат целиот образовен систем на Германија без притоа да го прекршат Законот за образование или да им пречат на МОН и на Бирото за развој на образованието.

Тој смета дека дуалното образование треба да биде 60% пракса, 40% училиште, но во моментов праксата е само 20%. Ангелков е убеден дека има иднина во иновациите затоа што иако државата не прави истражувања, фирмите вложуваат во науката и развиваат сопствени иновации со кои се конкурентни на светскиот пазар, но тој момент треба да се искористи во реформирањето на дуалното образование.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема