Во следната фаза е планирано да се вклучат и други два региона - Велес и Прилеп, за што претставници од МОН и делегацијата на германското стопанство во Македонија ќе остварат средби со претставници од компаниите и средните стручни училишта
Дуално стручно образование во новата учебна година ќе има во уште две средни училишта, во Кавадарци и во Охрид.
Од Министерството за образование и наука информираат дека во регионот на Кавадарци партнери во проектот ќе бидат компанијата Dräxlmaier и средното стручно училиште „Киро Спанџов-Брко“, а во Охрид партнери ќе бидат компаниите Kostal, ODW-Elektrik и ЛТХ Леарница и средното стручно училиште „Св. Наум Охридски“. Во ова училиште ќе има и нов наставен план за образовниот профил техничар за индустриска мехатроника од електротехничката струка.
Директорот Сашо Недески вели дека уписите почнуваат в понеделник, а за новиот образовен профил има место за 18 ученици.
Подготвен кадар, обезбедена работа
Што го прави различно дуалното стручно образование, го прашуваме директорот Недески?
- Учениците што ќе завршат дуално стручно образование ќе бидат обучени веднаш по матурирањето да почнат со работа. Теоретската настава е застапена со 60 проценти, а 40 отсто е практична работа во компаниите со кои соработуваме. Праксата почнува во втора година, а кога ќе завршат со образованието, учениците ќе добијат понуда за работа во компаниите што ги обучувале. Ова е одличен мотив за сите да се вложат максимално, како учениците така и компаниите – вели тој.
Идејата со воведување на дуалното стручно образование е да се спојат образованието и стопанството и да се обучуваат кадри што им се потребни на компаниите. На овој начин ќе се олесни и патот до вработувањето на младите што завршуваат средно стручно образование.
- Брзиот развој на технологијата несомнено бара и брзи промени на програмите за образување кадар кој ќе биде соодветен на потребите на пазарот на трудот. За да се продуцира кадар со стекнати вештини и компетенции, потребно е учениците во текот на редовното образование да се вклучат директно во производниот процес во компаниите.
Таквиот пристап бара и промена на наставниот план и наставните програми со директна вклученост на работодавците согласно нивните потреби за обучен кадар, кој директно ќе се вклучи во производство по завршување на образованието – велат од МОН.
Велес и Прилеп се во следна фаза
Идејата за воведување дуално стручно образование произлезе од директните барања на работодавците од четири општини - Охрид, Кавадарци, Велес и Прилеп - за вработување на завршени средношколци кои ги поседуваат бараните квалификации и вештини за соодветните работни места.
Од септември минатата учебна година дуално стручно образование почна во средното електротехничко „Михајло Пупин“ во Скопје во соработка со ЕВН.
Овој тип на образование е ориентирано кон потребите на пазарот на трудот и инвестирање во иднината и економијата.
- Станува збор за тригодишен проект кој е од особено значење за развојот во стопанството во Македонија. Ќе им се помогне на компаниите што работат во индустријата да обезбедат стручен кадар со тоа што учениците уште за време на своето средно образование ќе бидат подготвувани за работа во конкретна компанија, што претставува типичен пример за јавно-приватно партнерство. Во соработка со компаниите направивме и измени на наставниот план за овој образовен профил, а следен чекор се и измените на наставните програми – велат од МОН.
Дуално образование во Кавадарци ќе има во „Киро Спанџов-Брко“
Во следната фаза е планирано да се вклучат и други два региона - Велес и Прилеп, за што претставници од Министерството и делегацијата на германското стопанство во Македонија ќе остварат средби со претставници од компаниите и средните стручни училишта.