Ангела Меркел во понеделникот се сретна со четвртиот француски претседател за време на својот мандат. Жак Ширак го сретна пред неговото заминување, Никола Саркози не знаеше што сака па дури ни таа не успеа да го „скроти“, а Франсоа Оланд беше погрешен човек на вистинско место.
Емануел Макрон е новата надеж на Европа, и сосема е разбирливо што веднаш, на својот прв работен ден, замина за Берлин за да воспостави цврсти темели за добра соработка .
И двајцата се свесни и доволно разумни дека мораат да соработуваат за да ја зачуваат и зајакнат ЕУ и своите држави во таа рамка, затоа што и двете земји имаат свои слаби точки. Новинарите на порталот Politico.eu, веќе ги именуваа со популарно име : Меркрон, спојувајќи ги нивните презимиња во едно, како симбол на новата оска Берлин-Париз.
Натали Нугереде, угледната коментаторка на британскиот „Гардијан“ и поранешна извршна уредничка на парискиот „Ле Монд“, добро поентираше кога истакна дека следните четири години за Меркел ќе бидат клучни за нејзината историска оставнина. Состанокот во понеделникот беше прикажан како апсолутен успех затоа што им е неопходен и на двете страни – и двајцата ги очекуваат важни парламентарни избори. Но, без сомнение е дека и
Меркел и Макрон се цврсто определени оската Берлин-Париз да остане главниот двигател на реформите во ЕУ кои ќе водат кон „Унија со повеќе брзини“.
Клучна улога во реформскиот процес ќе имаат деветнаесетте членки на еврозоната, кои ќе го претставуваат јадрото на Унијата, додека другите ќе останат настрана сè до исполнување на условите за влез во тој клуб. Берлин покажа и определена наклоност кон идејата на Макрон за заеднички европски буџет и министер за финансии на еврозоната, за што ќе бидат неопходни промени на темелните документи, на што Меркел даде краток коментар: „Цел свет брзо се менува, па и ЕУ ќе мора да го направи истото“.
Еве ги клучните заклучоци од средбата помеѓу Меркел и Макрон:
*Договорено е единство во преговорите за Брегзит
1. Две непознати
- Француските избори за Националното собрание: се очекува дека партијата на Макрон ќе освои мнозинство гласови и дека ќе се обезбеди потребна поддршка за стабилна влада од социјалисти и републиканци.
- Германските избори за Бундестагот: по големата победа на Христијанскте демократи на Меркел во три сојузни држави се очекува трендот да продолжи и на сојузните избори по што би следело формирање на стабилна влада со либералите.
2. Закани за ЕУ
- Излегувањето на Велика Британија
Решение: Силна и единствена преговарачка позиција во која Берлин и Париз ќе имаат водечка улога без какви било отстапки кон Лондон.
- Финансиската криза во Грција
Решение: Прелиминарниот договор е веќе постигнат, Атина прифати и дополнителни реформи, вклучително и ново намалување на пензиите, за што е потребна дополнителна согласност и од ММФ.
- Изборите во Австрија
Решение: Најсилна партија се радикалните десни слободари. Но, можно е на бранот на Холандија и Франција каде популистите беа поразени, младиот и популарен Себастијан Курц да изненади со своите поддржувачи и да биде во позиција да стане канцелар и да формира влада. Сепак, останува можноста радикалите да извојуваат изборна победа.
- Изборите во Италија
Решение: Сите надежи се насочени кон одлуката на Бепе Гриљо, водачот на популистичкото движење „5 ѕвезди“, дека не сака да коалицира со никого, па така да ослободи простор за Демократската и останатите партии од центарот, да формираат нова влада. Сериозна закана е и можна влада на Движењето на ксенофобичната „Северна лига“.
- Трампономика
Решение: Цврст став на сите 27 членки на ЕУ дека со САД единствено треба да се преговара како единствена група а не поединечно, за да не се дозволи Вашингтон да внесе раздор меѓу членките.
- Заканите од Русија
Решение: Треба да се инсистира Москва и Киев да ги исполнат своите обврски во согласност со Спогодбата од Минск, но да се продолжи со санкциите кон Русија додека процесот не биде комплетно завршен. После тоа, ќе треба да се посвети внимание на прашањето за Крим.
3. Економските проблеми на Германија (предлози на ММФ)
- растечките приходи од даноците би требало да се инвестираат во инфрастуктурни проекти кои ќе го зголемат нејзиниот потенцијал за развој;
- да се поттикнуваат работодавачите на зголемување на платите за да се поттикне инфлација во еврозоната;
- расположливиот фискален простор би требало да се користи за иницијативи кои го зајакнуваат потенцијалот за развој, како инвестиции во физичка и дигитална инфраструктура, грижа за децата, интеграција на бегалците и даночни олеснувања во областа на трудот;
- реформи во пензискиот систем кои би ги поттикнувале граѓаните што подолго да останат на работните места.
4. Економските проблеми на Франција (предлози од ММФ)
- да се забрза слабиот економски развој кој во второто тромесечје годинава ќе изнесува само 0,5 проценти, а во првото изнесуваше 0,3%;
- што побрзо да се намали неваботеноста , која и натаму се движи околу 10 проценти, додека кај младата популација изнесува дури 25 %, што станува клучен општествен проблем кој се претвора во социјален и економски;
- да се реформира пазарот на трудот кој претставува сериозен проблем за стопанската обнова, со посебен акцент врз едукација и обука на работната сила;
- да се доведат во ред јавните финансии кои и натаму се во големи проблеми и да се стават во рамки кои ги предвидува ЕК, за да се отвори простор за намалување на даночниот притисок;
- да се олесни трудовата регулатива и да се отвори пазар за пристап на професиите кои се под заштита на локалната регулатива.
ПЛАНОТ ЗА РЕФОРМИ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ПО ПРЕДЛОГ НА МЕРКЕЛ И МАКРОН
* да се продлабочи еврозоната и да се направи поотпорна на кризи;
* да се стопира на извесен период издавањето на еврообврзници;
* ново основање на ЕУ: промена на постоечките европски договори (Лисабонската спогодба);
* воспоставување на европски одбранбен систем кој би функционирал во ситуации кои се надвор од овластувањата на НАТО;
* намалување на бирократијата во Европската комисија.