X
 10.06.2021 Живот

429 колеги ѝ ги подариле слободните денови за да биде со својата болна ќерка

Даниела Берлит е мајка на тригодишната Фиона, на која минатата година ѝ била дијагностицирана леукемија. Поради секојдневната грижа за нејзината ќерка, Даниела одлучила да земе годишен одмор, па ги искористила сите 36 дена. Но, тоа не било доволно. Размислувала да даде отказ, но тогаш ѝ излегле во пресрет нејзините добри колеги, кои ѝ помогнале да земе што повеќе слободни денови.

Баш кога мислела дека нема друг избор освен да даде отказ, еден фејсбук-пост ѝ го променил животот. Барем накратко. Сите нејзини колеги јавно напишале дека се откажуваат од одморот и дека слободните денови ѝ ги даваат на Даниела.

- Нашиот живот едноставно повеќе не е ист, целосно ни се промени. Во еден момент се јавив во компанијата и кажав дека не знам што да правам, но дека едноставно не можам да дојдам на работа. Им објаснив на колегите дека ќерка ми е болна. Моја добра пријателка, која ми е и колешка, ја почна акцијата, па сите се согласија да ми ги „донираат“ слободните денови - вели Даниела.

Тие ја означиле на „Фејсбук“ велејќи ѝ дека треба да ја прочита објавата.

- Во коментарите се јавуваа луѓе кои беа подготвени да се откажат од својот одмор. Објавата ја читав во болница, додека ја чекав Фиона. Не можев да верувам дека ова се случува. Се појавија и други непознати лица од Германија кои го дадоа својот одмор. Не можев да верувам дека некој што не ме познава сака да ми помогне. Тие не само што го нудеа својот одмор, туку и прекувремените саати. Таа подготвеност за помош ретко се случува - вели Даниела.

Како што вели, дури 429 колеги ѝ го дале својот одмор, и тоа не само еден ден. Оние што немале слободни денови ѝ ги дале прекувремените саати.

- Добив вкупно 4 години и 6 месеци годишен одмор. Цело време бев во безизлезна ситуација и тонев сè подлабоко. А тогаш еден куп раце се подадоа кон мене, тие ми ја враќаат вербата во човештвото. Толку е добро да се доживее толкава човечност и сознание дека постојат добри луѓе. Неверојатно е. Затоа и плачев, а Фиона ме праша: „Мамо, зошто плачеш?“ Ѝ реков дека тоа се солзи радосници и се обидов малку да ѝ ја објаснам целата работа.

- Не сакам да останам дома четири години ако Фиона закрепне. Реков дека ќе останам дома една година - вели Даниела.

Ако сè биде како што треба со здравјето на нејзината ќерка, таа планира да се посвети на хуманитарна работа и да се обиде да помогне некому.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот