X
 10.06.2022 Живот

Европски дестинации каде што јавниот превоз е бесплатен

Нема многу места во Европа каде што градскиот превоз е бесплатен. Евтиниот јавен превоз деновиве е актуелен во Германија, каде што Владата почна да нуди месечни билети за воз од само 9 евра. Останува да се види дали овој експеримент ќе биде успешен. Во меѓувреме, некои европски земји веќе се чекор напред.

Луксембург

Луксембург е првата земја во светот каде што градскиот превоз стана бесплатен, според властите. Од март 2020 г. таму не се наплаќа градскиот превоз, без разлика дали сте жител или турист.

Малта

Оваа мала европска земја планира да воведе бесплатен јавен превоз од 1 октомври годинава. Оваа одлука не е поради растечките цени на горивото или војната во Украина, туку станува збор за претходен план кој веќе е пресметан во буџетот со цел да се намали зависноста од автомобили.


Фото: Pixabay

За да користат бесплатен јавен превоз, граѓаните треба да поднесат барање за посебна карта, а тоа ќе може да го направат и туристите.

Белгија, Естонија, Франција

Градот Хаселт во Белгија уште во 1997 година вовел бесплатен јавен превоз. Тоа траело до 2013 година, кога иницијативата била прекината бидејќи буџетот повеќе не можел да ја поддржи.

Во 2013 година естонскиот главен град Талин вовел бесплатен јавен превоз. Меѓутоа, бесплатниот превоз е спорна тема во оваа земја бидејќи жителите се жалат на премалку линии. Градскиот превоз е бесплатен и во повеќето други естонски градови.

Слична мерка има и во градот Данкерк во Франција. Градот вовел бесплатен јавен превоз во 2018 година, а анкета покажала дека 50 отсто од жителите почесто користат автобус по почетокот на иницијативата.

Извор: Avaz
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот