X
 10.06.2024 Наука

Се тестира лек кој би можел да го стимулира растот на нови заби

Јапонските научници од Институтот за медицински истражувања во болницата „Китано“ во Осака пред помалку од една година ја објавија веста дека пронашле лек, односно метод кој ја спречува активноста на специфичен ген USAG-1 и на тој начин го промовира растот на нови заби без разлика на возраста.

Првото клиничко истражување на глувци даде многу ветувачки резултати. Имено, научниците успеаја да предизвикаат да им пораснат нови заби на сосема природен начин и без никакви несакани ефекти. Кај повеќето цицачи, еднаш изгубените заби не растат повторно, но во светот на животните има примери за регенерација на забите, на пример, кај ајкулите кои добиваат нов сет на заби речиси на месечно ниво, а на крокодилите им растат безброј нови заби во нивниот долг живот, кој може да трае и до 100 години.

Иако минатогодишните вести звучеа доста сензационално, тестирањето на луѓе изгледаше како далечна иднина. Но, јапонските истражувачи до 2025 година ќе го тестираат лекот кај 30 мажи на возраст меѓу 30 и 64 години на кои им недостига барем еден катник.

Откако ќе заврши ова тестирање, јапонските научници ќе го пробаат лекот на пациенти на возраст од две до седум години, деца кои имаат хиподонција, односно вроден недостиг на заби. Овој проблем не е занемарлив, податоците покажуваат дека делумниот вроден недостиг на заби го погодува секое стото дете.

Водачот на експертскиот тим, молекуларниот биолог Кацу Такахаши, го истражува овој проблем уште откако дипломирал, пред речиси 20 години, а досегашниот напредок во истражувањето му дава за право да каже дека во блиска иднина сите луѓе, без оглед на возраста, ќе може да го користат овој нов лек за да добијат нови природни заби.

Потенцијално револуционерниот лек за раст на нови заби би можел да стане комерцијално достапен околу 2030 година.

Извор: Avaz.ba
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука