X
 10.07.2018 Наука

Внимание: Се подигнува карпестата површина под Антарктикот!



Карпестата подлога врз која почива западниот дел од Антарктикот расте многу побрзо од очекуваното, предупредува меѓународна екипа на истражувачи. Тоа со себе носи неколку сериозни последици за иднината на континентот кој е со величина колку две Австралии.


Антарктик
(Фото: Pixabay)


Брзото подигнување под мразот значи дека би можела да биде нарушена стабилноста на километарски дебелиот слој леден покрив, особено ако се земе предвид сè побрзото топење на мразот. Дополнително, ако се установи дека навистина станува збор за тектонско подигнување, односно субдукција, тоа би можело да значи дека досега на Антарктикот се истопени 10% повеќе мраз отколку што се сметаше.

Со оглед дека на континентот нема цивилизација, Антарктикот е дефиниран од неговата географија. Во Адмунсеновото Море годишно се топи доволно мраз да покрие површина колку Данска (43.000 квадратни километри) со слој од 2,8 метра вода, а во целата околина на ова море е „заробена“ вода во количина што е доволна да го подигне нивото на морето во целиот свет за 1,2 метар!

„Тие големи количини се опасни за целата планета, особено за северот од Европа. Поради комбинацијата на гравитациските ефекти, морето најмногу се подигнува токму на север на Стариот Континент. Од друга страна, губењето на мразот на Гренланд не значи ништо тука, но го подигнува нивото на морето на јужната хемисфера и со тоа дополнително го дестабилизира Антарктикот“, вели научничката Валентина Р. Барлета од Универзитетот во Данска.

На Алјаска и на Исланд површината се подигнува 20-30 милиметри годишно, и тоа се смета за екстремна брзина, а новите мерења покажуваат дека на Антарктикот е постигната брзина од 41 милиметар годишно.

„Невообичаено, но секако дека го менува нашиот севкупен поглед на ситуацијата“, вели Тери Вилсон, автор на новата студија што се занимава со оваа проблематика.

Тој објаснува дека тоа всушност значи дека обвивката на Земјата под површинската кора на Антарктикот е многу потопла и многу пофлуидна отколку што се сметаше. Тоа исто така значи и дека многу побрзо реагира на топењето на површинскиот мраз.

„Антарктикот е неописливо комплексен и некои позитивни придвижувања од една страна можат да бидат проследени со многу негативни придвижувања од друга страна“, вели Вилсон и напоменува дека тоа се лицето и опачината на глобалното затоплување. Секој потенцијален модел за расплет на ситуацијата е неповолен, а дополнително е тешко да се предвиди дали некогаш топењето на мразот ќе запре.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука