X
 07.06.2018 Живот

Се разболеле поради исчезнувањето на морето и сега ќе го враќаат




Исчезнувањето на Аралското Море во средишна Азија е една од најголемите природни катастрофи. Аралското Море или Аралското Езеро се наоѓало помеѓу Казахстан на север и Узбекистан на југ. Од 60-тите години на минатиот век Аралското Море почнало нагло да се смалува поради тоа што советските власти, заради наводнување на полињата со памук, го пренасочиле текот на реките Аму Дарја и Сир Дарја.


Аралско Море, некогаш и денес
(Аралското Море некогаш и денес
Фото: Wikipedia)


Едно од најзагадените подрачја на светот, Русите го користеле за тестирање оружје и за депонирање индустриски отпад.

Денес се прават обиди преку амбициозни проекти што опфаќаат засадување милион дрвја за да се спаси овој дел и неговите жители. Но, како и во повеќето случаи, и на овој проект му недостигаат финансиски средства. Со брзината со која денес се засадуваат дрвја, овој предел би бил пошумен за 150 години.

78-годишниот Алмас Толвашев се сеќава дека животот на жителите во овој дел во најголема мера зависел од морето.

„Риболовот беше прво нешто што таткото им го покажуваше на своите синови“, вели тој.

Мујнак е рибарско гратче на брегот на Аралското Море во покраината Каракалпакстан, автономна република во Узбекистан. Во своите најславни денови тоа било место од каде што доаѓале околу 98 отсто од рибите во Узбекистан.

„Бев прв муслиман капетан на брод, имајќи предвид дека повеќето беа Руси. Мојот брод се викаше ’Волга‘ и со него секојдневно ловев околу 700 кг риби. Тогаш имаше околу 250 брода, а денес нема ни бродови ни море“, додава тој.

Во 60-тите години на минатиот век планот за пренасочување на тековите на реките за наводнување на полињата со памук бил успешен. Производството на памук цутело, а Кремљ го игнорирал проблемот што настанувал. Локалните жители забележале исчезнување на морето и го обележувале со помош на стапови што ги вденувале во земјата, за да можат да видат колкава водена површина исчезнала, пишува Би-би-си.

Со исчезнувањето на водата се зголемила концентрацијата на сол и набрзо затрула сè во морето. Подрачјето на Аралското Море, кое некогаш било големо колку територијата на Ирска, се смалило само на 10 отсто од својата првобитна големина.

„Се намали количината на риби и на крајот уловивме мртва риба. Многумина беа принудени да се отселат во потрага по работа. Сега повеќе не е како некогаш, водата е лоша и воздухот е преполн со прашина“, продолжува Толвашев.

Советските власти, кои го прошириле развојот на индустријата за памук на тоа подрачје, всушност, не предвиделе какво влијание ќе има огромната употреба на пестициди и хербициди, кои од плантажите преку реките завршувале во Аралското Море. Жителите биле погодени од низа здравствени проблеми.

„Респираторни проблеми, туберкулоза и проблеми со бубрезите биле сè пораширени. До неодамна многу деца умреле од дијареја“, изјавил д-р Јулдашбај Досимов, кој првпат на ова подрачје дошол во 80-тите години, а тогаш брегот веќе бил оддалечен 20 км.

Контаминираната вода за пиење предизвикувала низа вакви проблеми, кои продолжиле да се влошуваат. Кога морето се смалило, се повлекло, токсичните хемикалии останале на морското дно. Песочните бури се рашириле преку атмосферата и погодиле многу луѓе во тој крај.

Освен веќе споменатите здравствени проблеми што ги забележал и д-р Досимов, мештаните се бореле и со многу други. Забавен раст, намалена плодност, проблеми со белите дробови и срцеви проблеми, а забележан е и пораст на заболувања од рак. Заклучокот на една студија бил дека појавата на рак на црниот дроб се удвоила во периодот од 1981 до 1991 година.

Друга студија покажала дека до крајот на 90-тите години, смртноста на децата била помеѓу 60 и 110 на 1000 родени, што е многу повеќе од остатокот на Узбекистан и Русија, кои бележат смртност од 48, т.е. 24 деца на 1000.

Овие болести биле јавна тајна. Дури по распадот на Советскиот Сојуз властите го признале исчезнувањето на Аралското Море и се обиделе да најдат решение за кое верувале дека ќе направи коренити промени во квалитетот на живот на луѓето што живеат таму.

„Ќе мора да го намалат влијанието на пресушеното море врз здравјето на луѓето и затоа планираат да ги садат пустинските дрвја саксаул“, вели Досимов.

На овој дел веќе се сади семето на ова дрво, кое е слично со оние што растат во пустините во средна Азија, и се очекува да стане прва одбранбена линија од климатските промени во Узбекистан.

„Едно целосно израснато дрво може да ’поправи‘ 10 тони од земјата околу неговите корени“, објаснува Оразбај Аланазаров, шумарски стручњак.

Стеблата би требало да го спречат ветрот што загадениот песок од пресушеното морско земјиште го шири во атмосферата. Планот е целото дно да се прекрие со шума.

„Во просек, секое второ стебло преживува, а ги одбравме токму овие дрвја затоа што можат да преживеат на сушно и солено земјиште“.

Станува збор за долготраен процес на садење, почнат пред пет години. Дрвјата се садат во редови, на оддалеченост од 10 метри, за во моментот на созревање да можат своите семиња да ги испуштат во просторот помеѓу. Машините внимателно работат на морското дно, кое пред 40 години било 25 метри под водата.

Досега околу половина милиони хектари пустина се прекриени со тие стебла, но сè уште има многу работа, со оглед на тоа што стеблата би требало да бидат засадени на повеќе од три милиони хектари.

Со тоа темпо, до развојот на вистинска шума треба да поминат 150 години.

„Бавни сме и треба да го забрзаме процесот, но за тоа ни се потребни повеќе пари, повеќе странски инвестиции“, признава Аланазаров.

Свесен е дека морето можеби никогаш повеќе нема да се врати и дека полињата со памук засекогаш ја уништија долгогодишната традиција на овој крај. Рибарењето повеќе не е професија што ќе се пренесува од колено на колено. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот