X
 19.12.2024 Живот

Една генерација добива отказ набрзо по вработувањето. Зошто компаниите не сакаат да ги вработат?

Неодамнешно истражување откри дека компаниите се незадоволни од нивните нови работници кои припаѓаат на генерацијата З и може да почнат да избегнуваат да вработуваат неодамна дипломирани студенти. Имено, генерацијата З почнува да излегува на пазарот на труд, но не е целосно подготвена за компаниите или, пак, тие не се подготвени за неа.

Бидејќи многу неодамна дипломирани студенти од оваа генерација се соочуваат со поплаки за тоа како се вклопуваат на работното место и пазарот на труд, работодавците пријавуваат зголемена неподготвеност да ги вработат, според извештајот на платформата за советување за образование и кариера „Интелиџент“.

Извештајот, извлечен од анкета спроведена на речиси 1.000 менаџери за вработување, покажа дека секој шести работодавец не сака да вработува работници од генерацијата З, главно поради нивната репутација како „привилегирани“ и затоа што лесно се навредуваат. Повеќе од половина од менаџерите изјавиле дека оваа генерација, која се однесува на луѓе родени помеѓу 1997 и раните 2010, нема силна работна етика, не може успешно и ефективно да ги пренесе своите мисли во значајна порака и не се справува добро со повратните информации, особено со критиките, како и тоа дека генерално овие луѓе не се подготвени за барањата на работното место.

Холи Шрот, виш предавач на Факултетот за бизнис во Калифорнија-Беркли, објаснува дека фокусот на генерацијата З на воннаставните активности за да се зголеми конкурентноста на факултет, наместо да стекнува работно искуство, доведе до „нереални очекувања“ за работното место.

- Генерацијата З не ги знае основните вештини за социјална интеракција со купувачите, клиентите и соработниците, ниту е запознаена со работната етика. Како резултат на тоа, на компанијата останува на новиот вработен да му обезбеди соодветна обука. Покрај тоа, шефот треба да биде и тренер и менаџер - вели Шорт.

Зошто многу компании ги отпуштаат работниците од генерацијата З?

Приближно 6 од 10 компании вклучени во истражувањето пријавиле дека во текот на оваа година отпуштиле вработен кој се вработил веднаш по дипломирањето. Некои од причините што ги наведоа се: недостиг на мотивација на вработените, недостиг на професионализам и слаби комуникациски вештини.

- Многу дипломци не се подготвени за помалку структурирана средина, културна динамика на работното место и не се на ниво на задачата за самостојна работа. Иако можеби имаат одредено теоретско знаење од колеџ, често им недостига практично, реално искуство и меки вештини потребни за успех на работното место - вели Хјуи Нгуен, главен советник за образование и развој на кариера во „Интелиџент“.

Исто така, менаџерите за вработување велат дека работниците што припаѓаат на генерацијата З не можеле да ги завршат деловните задачи, често доцнеле и не зборувале и не се облекувале соодветно.

Посебен извештај од април покажа дека вработените од генерацијата З биле премногу зависни од родителската поддршка за време на нивното барање работа. Според истражувањето спроведен од „Ресјум темплејтс“, 70 отсто од анкетираните признале дека побарале помош од нивните родители во процесот на барање работа. Други 25 отсто ги однеле своите родители на интервју за работа, додека трети навеле дека нивните родители им ги поднесувале апликациите за работа и им го пишувале си-вито.

Извор: Euronews.rs
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот