Специјализантите лани се изборија за правото да имаат плата и да бидат осигурани додека работат и учат. Тоа се почитува, освен за 92-ца запишани во 2018 година. Министерството за здравство ветува решение
Точно 92 лекари, специјализанти на медицина, не земаат плата за својата работа. Немаат ниту здравствено ниту пензиско осигурување. Петнаесет од нив ги напуштиле работните места, си дале отказ верувајќи дека ќе бидат платени додека специјализираат, како што всушност беше ветено и договорено. Но досега немаат земено ниту денар.
Докторите дале отказ на претходните работни места
По повеќегодишни превирања, специјализантите лани се изборија за правото да имаат плата и да бидат осигурани додека работат и учат. Тоа се почитува, освен за генерацијата запишана во 2018 година. Додека овие лекари се борат да си го остварат правото, од Министерството ветуваат дека нивниот проблем ќе биде решен.
Д-р Александра Георгиева, специјализант по интерна медицина од новата генерација запишани, вели дека првото објаснување било дека Министерството за здравство не знаело дека ќе има конкурс, па немало обезбедено буџет за нив.
- Во мај ни ветија дека ќе се реши проблемот и дека во јуни ќе добиеме плата за мај. И министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев потврдија дека нашата работа ќе биде платена. Но досега ништо од тоа – објаснува д-р Георгиева.
Специјализантите во меѓувреме праќале дописи до Министерството за здравство и до Фондот за здравствено осигурување на РМ за проблемот со кој се соочуваат.
- Петнаесетмина од нас што бевме вработени дадовме откази зашто не може да примаш плата од две места. Сега сме и без приходи и без осигурување. Во меѓувреме поминаа четири седници на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, на кои, како што ни имаше кажано министерот, требаше да се одобрат парични средства, но ништо од тоа – вели нашата соговорничка.
Затаила администрацијата
Таа објаснува дека од Министерството за здравство дури на 20 јули бил побаран буџет за исплаќање паричен надоместок за приватните специјализанти од Владата на РМ.
Специјализантите освен што учат додека трае специјализацијата, и работат со полно работно време и дежураат.
Од Министерството за здравство велат дека приватните специјализанти што биле примени преку конкурсот во јануари 2018 година не биле планирани во буџетот за исплаќање со месечен паричен надоместок бидејќи тој бил донесен при крајот на 2017 година.
- Во моментот се прават напори да се обезбедат средства од буџетот за да го добијат споменатиот месечен надоместок во следниот период. Министерството за здравство чека да се одобрат средствата со одлука која треба да биде донесена од страна на Владата на Република Македонија, бидејќи наша цел е сите приватни специјализанти да бидат исплатени за својот труд. Во меѓувреме редовно се исплаќаат сите приватни специјализанти што се запишале на специјализација пред гореспоменатиот конкурс. Паричниот надоместок што го добиваат е во висина на загарантираната плата за општ лекар. Ние се грижиме и инвестираме во нив бидејќи тие се иднината на здравството во Македонија – велат од Министерството.