X
 10.08.2024 Наука

Како да се стави крај на заморот зад воланот - научници добиле инспирација од често користен предмет

Заморот е една од главните причини за сообраќајни несреќи. Доволно е да ги затворите очите за секунда, да ја изгубите контролата над возилото и да предизвикате сообраќајна несреќа. Ова особено важи за луѓето кои се професионални возачи и поминуваат голем дел од денот зад воланот.

Научниците и истражувачите веќе измислија цела низа различни технолошки решенија, кои треба да ги предупредат луѓето дека се уморни и дека треба да го запрат возилото. Од звуци и подигнати линии на патот кои треба да му укажат на возачот дека треба да ја менува сообраќајната лента, преку системи со вештачка интелигенција кои го набљудуваат возачот со камери и алармираат доколку забележат знаци на замор кај него.

Сега, инженерите од Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, создале прототип на слушалки што можат да детектираат знаци на поспаност во мозокот.

Слушалките ги детектираат мозочните бранови на ист начин како и електроенцефалограмот (ЕЕГ), тест што лекарите го користат за мерење на електричната активност во мозокот. Додека повеќето ЕЕГ ги детектираат мозочните бранови користејќи низа електроди прикачени на главата, слушалките го прават тоа со помош на вградени електроди, кои остваруваат контакт со ушниот канал. Електричните сигнали снимени од слушалките се помали од оние снимени со традиционалниот ЕЕГ. Сепак, како што е прикажано во новата студија, ЕЕГ-„увото“ е доволно чувствително да детектира алфа бранови, шема на мозочна активност што се зголемува кога лицето ги затвора очите или почнува да заспива.

Инспирацијата за ова технолошко решение е уште еден популарен технолошки изум - безжичните слушалки на „Епл“ – „Ерподс“.

-Ние веруваме дека оваа технологија има многу потенцијални употреби и дека класификацијата на поспаност е добар показател оти технологијата може да се користи за класификација на спиењето, па дури и за дијагностицирање на нарушувања на спиењето - рекол вишиот автор на студијата Рики Мулер, вонреден професор по електротехника и компјутерски науки на „Беркли“.

За разлика од „Ерподс“, кои ќе работат дури и кога не се вклопуваат цврсто на увото, ЕЕГ-„увото“ мора речиси совршено да се вклопи, за да ја сними електричната активност во мозокот. Така, тимот се фокусирал на создавање на модел кој ќе биде генерички, а истовремено ќе извршува веродостојни читања.

По многу тестирања, тие дошле до слушалки во три големини, кои содржат неколку електроди и вршат нежен надворешен притисок на ушниот канал и користат флексибилна електроника, за да се обезбеди удобно вклопување. Сигналите се читаат преку сопствен безжичен електронски интерфејс со мала моќност.

За да докажат дека навистина работат, побарале од девет доброволци да носат слушалки додека извршуваат низа здодевни задачи во затемнета просторија. Волонтерите морале периодично да го оценуваат нивното ниво на поспаност.

-Откривме дека дури и кога квалитетот на сигналот од слушалките се чини дека е полош, сепак можеме да ја класифицираме поспаноста со исто ниво на прецизност како многу покомплицирани, пообемни системи - забележале истражувачите.

Тимот ќе продолжи да го усовршува својот дизајн, но и да истражува други потенцијални апликации како што се снимање на отчукувањата на срцето, движења на очите и стегање на вилицата.

-Безжичните слушалки се нешто што веќе го носиме цело време. Ова е она што го прави ЕЕГ толку привлечен пристап кон уредите што се носат. Не бара ништо дополнително – заклучил Мулер.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука