X
 10.09.2023 Забава

Кафуле во Јапонија нуди капсули за спиење стоејќи

Колку пати сме биле толку уморни што сме можеле да заспиеме стоејќи? Паузата за кафе сега може да биде пауза за спиење, барем во Јапонија.

Кафулето „Нескафе Харајуки“ во Токио е првото кафуле што воведува капсула во која можете да дремете како жирафа. Да, добро прочитавте. Капсулите за спиење изгледаат како телефонски говорници, а вие спиете стоејќи во нив. Токму оттука потекнува и нивното име „Џирафнеп под“ (Giraffenap pod), инспирирано од жирафите, кои го претпочитаат методот на спиење стоејќи.

Капсулите, дизајнирани од јапонската компанија „Којоџу плајвуд корпорејшн“, се звучно изолирани и имаат вградена вентилација на воздухот. Имајќи предвид дека човекот не е жирафа и гравитацијата го спречува да заспие додека стои, капсулите содржат потпори кои му овозможуваат на секој корисник да има удобен сон.

Дизајнерите на капсулата тврдат дека спиењето во капсулата е сосема удобно, а дишењето, отчукувањата на срцето и мозочната активност се забавуваат доволно за да се чувствувате одморени по 20-минутна дремка.

Кафулето препорачува да се напиете шолја кафе пред да се упатите кон вашата капсула за спиење. Во рок од 20 минути кофеинот ќе почне да дејствува, што значи дека ќе излезете од вашата капсула како нова личност.



Извор: Studentski
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава