Истражувачите од клиниката „Мејо“ откриле дека луѓето што спијат помалку од четири часа навечер се изложени на зголемен ризик од развој на штетни масти кои ги обложуваат нивните органи. Кај луѓето кои се релативно здрави, недостигот на сон може да предизвика да развијат висцерални маснотии на абдоменот, што со текот на времето може да предизвика проблеми поврзани со срцето и другите органи во телото.
- Нашите наоди покажуваат дека скратениот сон, дури и кај млади, здрави и релативно слаби луѓе, е поврзан со зголемен внес на калории, многу мало зголемување на телесната тежина и значително зголемување на акумулацијата на маснотии во стомакот - вели д-р Винред Сомерс, водечки истражувач.
Студијата е објавена во списанието „Американ колеџ оф кардиолоџи“ и собрала податоци од 12 здрави луѓе кои не се дебели, на возраст од 19 до 39 години.
По четиридневен период на аклиматизација во кој лицата беа подготвени за новиот распоред за спиење, тие беа подложени на строг распоред за спиење во текот на 14 дена. Едната група имала само четири часа за спиење секоја вечер, додека другата имала девет часа.
Истражувачкиот тим ги мерел потрошувачката на енергија, тежината и дистрибуцијата на маснотии кај секој учесник по истекот на тој период. Откриено е дека оние што спиеле само четири часа се здебелиле повеќе од нивните врсници од групата што спиела околу девет часа.
Вкупните нивоа на телесните масти останале исти во двете групи, но луѓето што спиеле четири часа имале високи нивоа на висцерални масти.
Фото: Freepik
- Вообичаено, маснотиите првенствено се таложат под кожата. Сепак, се чини дека несоодветниот сон ги пренасочува мастите кон поопасниот висцерален дел - објаснува Сомерс.
Дури и откако оние што беа во групата со ограничен сон се вратија на понормални, поздрави распореди, маснотиите останале.
- Важно е дека, иако внесот на калории и тежината беа намалени за време на закрепнувањето, висцералните масти продолжија да растат - вели Сомерс.
- На долг рок, овие наоди имплицираат несоодветен сон како придонес кон епидемијата на дебелина, кардиоваскуларни и метаболички болести - рече Сомерс.
Оние што биле дел од групата со ограничен сон, исто така, консумирале околу 300 калории повеќе дневно од другите, што довело до зголемување на телесната тежина.
Висцералните масти се поврзани со дијабетес тип 2, срцеви заболувања и висок холестерол, како и со голем број дополнителни проблеми.
Сомерс рече дека зголеменото вежбање и подобриот избор на исхрана може да помогнат да се надомести штетата предизвикана од маснотиите кај луѓето што не спијат доволно.
Промените во животниот стил, како што се легнување во исто време секоја вечер, станување во исто време секое утро, исклучување или отстранување на телевизорите, компјутерите и мобилните уреди од спалната соба, може да им помогнат на луѓето да имаат здрав сон.
Фото: Freepik