X
 10.10.2018 Технологија

Дигитална ера: Децата сѐ помалку учат од учебници, ова е нивниот најважен „наставник“

Иако, за жал, образованието не се менува ни со приближна брзина со која технологијата ги менува нашите животи, интернетот и достапноста на голем број содржини низ светот го променија начинот на учење. Иако интернетот има голем број замки бидејќи она што започнува како учење лесно може да премине во два часа изгубени на „Фејсбук“, секој со малку самодисциплина може да прочита и да научи многу повеќе од она што го добива на училиште.

Еден од трендовите во последно време, како што покажа неодамнешно истражување спроведено во САД, е учењето преку „Јутјуб“, така што овој видеосервис ги замени учебниците. Наместо читање стотици страници од учебникот, младите денес поминуваат еден час на „Јутјуб“ - оттука ги добиваат сите потребни информации, ги запишуваат и ги учат најважните и се подготвени за тест.

Се чини дека на овој начин учениците за пократко време можат да научат многу повеќе бидејќи во видеата може да се прикажат и интересни инфографици, табели, линкови од други поврзани содржини и слично, но секако ваквиот начин на учење секогаш носи ризик од лажни и непроверени вести, односно неточни податоци.

Исто така, важно е да се напомене дека „Јутјуб“ никогаш не може да замени добар професор кој на професионален и интересен начин ќе го објасни материјалот, ќе им го приближи на учениците и ќе ги заинтересира за својот предмет.

Истражувањето спроведено на над 2.500 луѓе на возраст од 14 и 40 години покажа дека генерацијата „З“ преферира едукција преку „Јутјуб“ - речиси 60 отсто. Истото важи и за милениумците - 50 отсто од нив го преферираат „Јутјуб“ како главен начин на образование.

Според информациите на истражувачкиот центар „Пју“, дури 85 отсто од младите, односно припадниците на генерацијата „З“, која порасна со „Јутјуб“, го користи овој сервис повеќе од другите социјални платформи, што најдобро ни зборува за популарноста и влијанието на оваа платформа врз младите, нивниот живот и образование.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија