10.10.2022
Живот
Посетата на психолог претставува емоционално „џакузи“
10 Октомври е Ден за подигнување на свеста за менталното здравје. Вообичаено, очекувано е според современите трендови барањето стручна помош, совет, консултација, психотерапија и тоа е процес кој отвора перспективи. Одењето на психолог е нега за својата душа и тука нема дилема, луѓето што одат на психолог не се слаби и најголемиот дел од нив немаат психички тешкотии. Напротив, чести клиенти се асертивни, успешни деца, млади или возрасни, брачни парови кои заради развојни кризи, дури и со една сеанса имаат бенефит.
За жал, практиката покажува дека дел од родителите релативно доцна бараат стручна помош при справување со тешкотиите на нивните деца. Една од причините е стравот од стигматизација, етикетирање или „добивање дијагноза“. Друга причина е нормализација или негирање дека постои проблем. Трета може да биде нерасполагање со лични или семејни ресурси за инвестиција во менталното здравје на своите деца. Тука се вбројуваат недоволен спектар на родителски и животни вештини или ниска мотивација и истрајност за нешто да се промени. Родителите често се загрижени и збунети околу предизвиците со децата и се чувствуваат немоќни и некомпетентни да им помогнат.
При воспитување на децата најважно е родителите да воспоставуваат висока грижа (емоционална - топлина и прифаќање, неосудување) и оптимална контрола над нив (умерена, ниту превисока ниту прениска).
Како помага психологот?
Советувалиштето е безбедно место на емоционално „џакузи“. Дел од работата се состои во умствени „вежби“ за личен раст или игровни активности за деца, нешто слично како телесни вежби за телото. Тие овозможуваат полесно справување со сопствените емоции или постепено одмрзнување на блокираните содржини. Освен индивидуалниот, уште поважен сегмент е семејниот контекст бидејќи секој симптом/проблем што се јавува кај единката (обично кај најранливиот член), врши некаква функција за да ја одржи стабилноста во семејството.
Потребата од љубов, внимание, емоционална прифатеност и почит е својствена за возрасните, а особено детето треба да ги ужива овие благодати.
Однесувањето кон децата треба да биде со најголема почит, воопшто, кон сопствените, на децата на роднините, на соседите, а најмногу децата од ранливите социјални категории, деца на улица, деца со развојни предизвици или хендикеп, маладаптивни, бегалци, раселени, без родители итн. Фројд рекол: „Детето е татко на човекот“ и има право за тоа.
Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог
Психолошки Центар Алтернатива