X
 10.07.2019 Живот

Колумна: Осамени улици - ова не е мојот град, тој беше шарен, обичен, светол и едноставен

Еден мој клиент ми вели: „Мики, јас не барам многу, само малку спокој и мир“. „Ех“, му велам, „човеку драг, мислиш дека тоа е малку?! Ќе дојде време кога на светов ќе живееме 200 години, а нема да сме мирни ниту една секунда“.

Драг читателу, кој и да си, стар, млад, голем, мал, жена, маж, дете, старец, намерник или случаен минувач, ти се обраќам повикувајќи те да го прочиташ текстов како што сакаш, ама едно вети ми - дека ќе ги затвориш очите и ќе појдеш со мене на овој пат-беспат, на овој друм од емоции и мисли сограден и ќе си речеш – дали е така?!

Ти се обраќам дозволувајќи си да те протолкувам како осаменик, скитник, самотник и страдалник. Ќе си дозволам да брцнам во твојата утроба од грижи соткаена и од мисли проткаена и од болка створена, оти, чинам ист си како мене, како него, како неа, како сите оправдано отсутни и недоволно присутни што одат по патот и гледаат само во своите чевли. На хартија вечерва ова го пишувам, но во мислите и душата везден го носам оти не се доносува, оти е тешко бреме ова невреме, оти е голем товар на плеќите уморни од туѓите осамености. Го пишувам секоја вечер кога со ќерка ми шетам низ улиците на овој осамен град, на потегот од моето Влае, па сѐ до центарот и наоколу додека како Диоген го носам душевниот фенер и присветнувам наоколу, небаре ќе сретнам некој весел, ама онака, од срце. Го пишувам во мислите и во секој мој дамар и во секое отчукување на уморното срце кое е парчосано не од неживот, ами од живот.

И додека сега одам низ преполните, а испразнети улици, и додека им ѕирнувам на луѓето во шолјите кафе и го гледам сиот тој невидлив метеж кој само однадвор изгледа полн и весел, подзастанувам на секое ќоше и нова свесност добивам. Не дека сакам или среќа тоа ми носи, туку од болка што ме жегнува небаре јас треба нивната грижа да ја носам или доносувам. Му велам на детето свое:„Погледни онде“, група момци занесени во своите паметни телефони, а седат на половина метар еден од друг додека свири некоја пријатна музика, а до нив уште една осамена, а не-сама група намерници. Се гледаат во меѓупросторот од едно и друго ѕирнување во телефонот, небаре во таа милисекунда се сменил светот, човекот се качил на Марс, струјата станала бесплатна или светот е мирно место за живеење, тукутака, одеднаш. Се гледаат во тој меѓупростор, а во очите не се рефлектира соговорникот, туку нивната бледа сенка на сето тоа што можеле да бидат. Се навраќаат пак со прстите уморни од виртуелната реалност на тоа ѓаволско вражуле, што би рекол Итар Пејо, и пак во него се нурнуваат до следното гласно прашање од веќе подналутениот соговорник кој не може да најде тронка совест и емпатија за да праша нешто обично. Си велам, како луѓето ќе се договорат за нешто посуштинско на овој начин ако за дреболии немаат секунда време, па колку и да се зафатени.



Малку потаму, на автобуска станица, младо девојче со сериозно лице чека некого или никого и чиниш светот на плеќите ѝ тежи, а времето коските ѝ ги сронило. Малку подолу, под нашите нозе се маткаат хартивчиња од изедени бонбони, чоколатца, смоки и што ли уште не, оти некој ги фрлил бидејќи, нели, кантата е малку подолу и виновен ни е секој зашто нема канти на 3 метри оддалеченост, а нашиот заморен ‘рбетен столб е премногу скапоцен за да се одвлечка до првата можност да се ослободи од малиот отпадок. Одиме јас и детето мое и муабетиме за осаменоста. Одеднаш ми надоаѓаат илјада асоцијации и мисли за тоа што е осаменоста?! Понекогаш мислам дека е нешто со кое се раѓаме, затоа што секој сам се родил на земјава и сам ќе умре. Не, си велам, можеби таа доаѓа однадвор, низ искуството човекот учи дека секој си гледа за себе, а другите може да почекаат. Да, си велам, но, ако е така, тогаш зошто човекот не е задоволен со таа осаменост доколку си е доволен сам на себе?! Зошто не е радосен оти луѓето му се тргнале од грбот?! Одам, одам уште, а парадоксите на осаменоста ме бодат на секое ново ќоше, како намерно, како за инает, а инаетот како црта на личноста отсекогаш сум го сметал за најголем човеков демон, поголем и од гордоста, оти во гордоста има барем некаков став кој треба да се брани, а во инаетот нема ништо поткрепливо со кое ќе кажеш – ете, имав право?! Исто како кога малото дете кое за ништо на овој свет не е виновно ќе го прашате зошто го направи ова, ќе ви рече, ете затоа!

На следната кривина гледам господин во своите средни години како го шета своето куче, а по него и една постара госпоѓа го прави истото. Неговото куче е некако поагресивно, а нејзиното е ситно и завидливо. Започнуваат муабет, небаре да не беа милениците немаше за што да се зборува на овој свет. Помислувам, дојде време да чуваме миленици оти сме изгубиле начин и умешност да стапуваме во контакт со другите луѓе, ете само така, само затоа! Кучињата се душкаат, а тие двајца разменуваат збор-два и секој со своето куче се враќа во својот стан покрај сите други во кои живеат исто толку осаменици колку што има липи во Скопје кои го пуштаат оној секрет кој ти се лепи на нозете баш како кучешка лепешка затоа што некој си го олеснил кучето каде што не треба, исто како што исповратил на нечија душа без и фала да каже.

Малку подолу, во една кафеана додека музичарите од петни жили дуваат во инструментите за да измамат некоја пара, група луѓе ги вртат своите кутии цигари и намуртено гледаат во нив небаре го свират посмртниот марш.

„Не“, му велам на детето мое, „не тато, не бараат тие само некоја пара, туку ги бараат насмевките на овој град како во 80-тите или 90-тите, бараат трошка емпатија за трудот што го вложиле, сакаат да усреќат некој од тие пред кои свират, исто како што луѓето со кучето сакаат да сретнат некого, ама се плашат да се пресретнат себеси оти се смртно уплашени од таа глетка во чии очи демоните свиле гнездо осамено и каде што ноќните вештерки на адот играат претсмртно оро, смеејќи се среќни оти голтнале уште една душа на мојот град“.
„Мојот град?! Каде е?“ѝ велам на ќерка ми, „не го гледам, ова не е мојот град, тој беше шарен, обичен, светол и едноставен“.
Се сепнувам во мигот и помислувам колку ги мразам тие што само своето време како најубаво го фалат, а ништо друго не им чини и велам:„Прости, прости, има и сега убавини, уште повеќе, ама нема кој да ги голтне, да си го погали мевот и задоволно да ждригне среќен оти, животот, сепак, е убав“.
Се навраќам на тажните ликови со телефоните и си велам - овие деца свесни ли се дека во истиов миг некаде паѓаат бомби, на друго место деца пијат вода од реката во која и алигаторите се ладат, додека трети, пак,ѝ се радуваат на тортата што ја направила мајка им со малку шеќер, вода и брашно. Оние господа и госпоѓи што намрштено погледнуваат наоколу додека горделиво ги шетаат своите миленици, знаат ли дека количината храна што ја консумира нивното милениче е оброк за цела недела на некое дете?!

Скраја било дека сум против миленици, луѓе што можат да си го дозволат тоа или против кафеаните, баровите и скапите автомобили. Ма не, ништо од тоа не ми смета бидејќи проблемот не е во тие нешта, туку во нас луѓето што не им се радуваме и не знаеме „благодарам, животе“ да кажеме! Зад сето тоа стои осаменоста во сет изблик на не-самоста и колку повеќе гледам луѓе што одат, седат, спијат заедно, толку повеќе празни улици сновам, уште потолку тажни меани гледам и најтолку осамени кревети во кои сѐ што има се само два трупа кои, ете, физички си ги допираат грбовите и тешките души. Малку подолу, ќерка ми ме прашува:„Тато не е ли осаменоста состојба на душата и значи ли дека ако некој е сам е осамен“?! „Не чедо“,ѝ велам, „не значи, не значи. Во право си кога велиш дека осаменоста е состојба на душата, исто како што е точно дека љубовта постои и кога човекот кого го љубиме е далеку од нас. Некој на 3000 км е поблизу до нас од самотникот со кого секој ден го делиме“.



„Но, што фајде од тоа кога и едниот и другиот се тажни?“, ми вели детето мое. И во право е,тажно е и едното и другото и ниедно не е како што би сакале. „Да“, велам, „сите сакаме да не сме осамени и се чудиме зошто колку што помалку сме сами, сѐ повеќе сме осамени?“ Затоа што длабоко во себе ние сме мртви, прво за себе, а после и за сета наша блиска и далечна околина. Оти сме засмрделе на нечовек со секој ден нов технолошки развој. Зашто јадеме помалку салати заедно смеејќи се на најновиот виц со секој ден повеќе вицови на интернет и поубави места за јадење. Зашто колку поскапа и помодерна облека носиме, толку повеќе голи во душите сме. Зашто колку повеќе пластика ставаме во себе, толку повеќе деца се трујат од истата, а пците умираат чудејќи се на нашата малоумност. Егзистенцијалистите тоа го викаат егзистенцијална даденост, егзистенцијална вина, оти да се родиш како најсовршено битие значи да го оправдаш своето постоење преку својот живот кој е борба, страдање, но и љубов и убавина. Додека чекориме како Платон и Сократ рака под рака,оддалеку изгледаме како двајца луѓе од друга планета. Како паднати од небо и несвртени да видиме каде сме. За неа има надеж, за мене не.

Јас одамна живеам во малку остаток на мемлив копнеж по едно време кое можеби беше едноставно, обично, сиромашно и малечко, ама имаше душа за три вакви света како овој празниот во кој сите имаме сѐ, а никој се нема себеси, а камоли тебе. Одиме како зомбиња загледани во врвовите на своите светнати модерни чевли додека животот во сета своја животородност нѐ одминува и се врти,чудејќи се каде сме заминале...


Мирослав Пендароски

Малку подолу, додека од централниот се враќаме кон западниот дел на Скопје, кој рака на срце секогаш ми бил подраг некако, однекаде допира стихот на Масимо Савиќ – „Не видимо, сузе нам стале на пут...“ Ех, си велам, колку точно, колку вистинито, од сопствената тага и очај, од својата болка и осама, не го гледаме човекот во луѓето, не ја гледаме светлината, туку ја доживуваме како присуство на помалку мрак. А солзите родени во нашата огромна гордост стуткана во малото човече ни ги заматуваат очите од кои ни себеси не се догледуваме. Минуваат улици, сокачиња, маала, кафеани, продавници, тревници и контејнери, а никаде ниедно насмеано лице, никаде трошка некаква радост и спокојство...

Еден мој клиент ми вели: „Мики, јас не барам многу, само малку спокој и мир“. „Ех“, му велам, „човеку драг, мислиш дека тоа е малку?! Ќе дојде време кога на светов ќе живееме 200 години, а нема да сме мирни ниту една секунда. Знаеш зошто?“ - му велам. „Заради осамената стуткана душа затрупана со мноштвото ствари, ете од тоа ќе си испоцркаме однатре, од сопствената имплозија која ќе ни ги сотре сопствените органи на душата, макар онаа малку што останала“...

Нозете веќе ни се скапнати, моите повеќе оти се постари, ама задоволни сме што поминавме два часа бивање во Сега и Овде. Ќерка ми ме гушнува и ми вели:„Среќна сум што те имам“. „И јас тебе“,ѝ велам и ја гушнувам, а нејзините рачиња се највредното нешто поради кое вреди да се продолжи...

п.с. Драг читателу, знам дека и тебе, како и мене, те оставија многу луѓе. Некои ти, исто како и јас, самиот ги остави. Некои ги нема, некои сѐ уште се тука, вака или онака...И знаеш што?! Само за малку од нив ми е жал, исто како за тебе што само некои од нив жалат...Ама ако, откако сум повеќе сам, помалку сум осамен...А ним им благодарам што ме научиле нешто што самите ќе го научат кога гневот, сопствената осаменост и тага ќе го отворат просторот на свесноста...некогаш, некогаш тоа и ќе биде...дотогаш, дотогаш остани човек!

Автор: Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот