X
 16.05.2023 Технологија

„Гугл“ го менува начинот на пребарување

„Чет-ГПТ“ беше претставен кон крајот на изминатата година и веќе стана дел од секојдневието на многумина. Во обид да остане во чекор со конкуренцијата, „Гугл“ објасни како вештачката интелигенција ќе стане дел од користењето на овој пребарувач.

Се планираат промени во начинот на кој ќе бидат прикажувани одговорите на пребарувањата на „Гугл“, што би можело негативно да се одрази на посетеноста на веб-страниците. Кога оваа опција ќе им биде достапна на сите, „Гугл“ повеќе нема да нуди врски со веб-страници на кои ќе може да најдете одговор на вашето пребарување, туку во прв план ќе бидат одговорите составени со вештачка интелигенција. Ќе биде достапна и опција за продолжување на разговорот со вештачката интелигенција на „Гугл“ за да се добие подобар одговор.

Значи, наместо корисниците да отвораат врски до веб-страници на издавачи, во многу ситуации пребарувањето ќе завршува на почетната страница на „Гугл“. Притоа, компанијата ќе прикажува огласи од кои заработува, додека посетеноста на сите други веб-страници ќе се намалува.

Еден од проблемите со ваквиот начин на прикажување резултати е изворот на информации со кои „Гугл“ ја тренира својата вештачка интелигенција. Доколку бесплатно се користат податоци од различни веб-страници, се поставува прашањето за кршење на авторските права.


Фото: Pixabay

- Она што е потребно да се направи од страна на индустријата е да каже дека не може да се користи нивната содржина додека не се добие систем во кој издавачите ќе добиваат некаков вид наплата - коментирал Бери Дилер, претседател на компанијата која управува со издавачите „Пипл“ и „Дејли бист“.

Тој смета дека издавачите може да ја тужат компанијата која, користејќи нивни податоци, тренира вештачка интелигенција, повикувајќи се на законот за заштита на авторски права. Меѓутоа, тешко е да се докаже дека некој тренирал вештачка интелигенција со специфични податоци.

Кога станува збор за „Гугл“, од компанијата порачале дека не планираат да ги компензираат издавачите бидејќи во тренирањето на нивната вештачка интелигенција се користат податоци кои се отворено достапни на интернет.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија