X
 05.06.2018 Наша тема

Наставник не смее да удри ученик, дали се враќаме во 15 век?

Нaше истражување покажа дека наставници навредувале деца со зборовите: „Не си доволно паметен за да се едуцираш“, „Што си се запишал во гимназија кога не ти е местото тука“, „Немаш капацитет“ – вели социологот Татјана Стојаноска-Иванова


Наставник што употребил физичка сила кон ученик не смее да работи во училиште, сметаат стручните лица. А во Македонија само оваа учебна година се регистрирани неколку физички напади од наставник кон ученик, случаи кои се испитувани и од Државниот просветен инспекторат (ДПИ). Наставниците што се гонат прекршочно и кривично немаат право повеќе да предаваат.
Ваква препорака од ДПИ има и за последниот случај во Бутел, кога наставник истепа ученик со стап. Инспекторатот утврдил законски повреди од страна на наставник кој извршил физички напад врз ученик.



- За ова има и лекарски наод и е констатирано со записник од страна на Министерството за внатрешни работи. Од страна на Државниот просветен инспекторат училиштето е задолжено со решение да се преземат соодветни законски мерки кон наставникот, согласно Законот за работни односи, бидејќи се работи за потешки повреди на Законот за работни односи – велат од ДПИ.

1.600 евра казна за училиштето, 240 за наставникот

Тие ни потврдија дека само во изминатата учебна година има неколку случаи на телесно или психичко малтретирање на ученик од страна на наставник во основните и во средните училишта во Македонија. Некои од наставниците добиле отказ, а за некои сѐ уште траат постапките. Од Државниот просветен инспекторат велат дека е забрането телесно и психичко малтретирање на ученик и дека за ова, покрај судските процеси, сторителите, а и училиштата се соочуваат со парични казни.
- Предвидена е глоба во износ од 1.600 евра во денарска противвредност за прекршок на основното училиште, глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на директорот на основното училиште, глоба во износ од 200 до 240 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на наставникот на основното училиште за ваков прекршок – велат од ДПИ.

Поради физичко насилство кон ученик, инспекторатот во изминатите неколку години има поднесено неколку прекршочни и кривични пријави до надлежни судови. Професорка од средно училиште, која сакаше да остане анонимна, вели дека и наставниците се соочуваат со многу проблематични ученици, но насилството не е решение.
- На колеги им се случуваат многу непријатни случки, има ученици што немаат почит кон никого, им недостига домашно внимание, но да удриш некого, тоа е недозволиво. И треба да се санкционира. Учениците со кои јас имам проблем ги праќам кај психолог, разговарам со родителите, одат на советување. Во принцип, децата што се проблематични имаат некој проблем. Тоа е всушност нивен повик за помош – вели професорката.



Што си се запишал во гимназија, немаш капацитет

- Фрапантно е што насилството не излегува од училишната средина. Присутен е булинг, но и вербално и физичко насилство помеѓу наставниците и учениците. Вербалното насилство не се ни пријавува – вели професорката Татјана Стојаноска-Иванова од Филозофскиот факултет од Скопје.
Кога со нејзината колешка, професорката Ана Фрицханд, правеле истражување за насилството во училиштата, чии резултати се објавени во книга, утврдиле дека вербалното насилство е присутно во образовните институции.
- И тоа на релација ученик-наставник, но и обратно. Има жртви наставници, но и ученици. Психичкото насилство може да има големи последици затоа што жртвите не се жртви еднократно, туку постојано се изложени. Тоа го покажа нашето истражување. Тоа доведува до намалена самодоверба, губење интерес за образование, односно желба за учење кај учениците. Доведува до фрустрации кои потоа ќе се ослободат во текот на животот. Ние утврдивме дека наставници навредувале деца со зборовите: „Не си доволно паметен за да се едуцираш“, „Што си се запишал во гимназија кога не ти е местото тука“, „Немаш капацитет“ – вели Стојаноска-Иванова.

Според неа, нема никакво оправдување за наставник што ќе удри ученик.
- Тоа не смее да се случи, дали се враќаме во 15 век? Законски, ниту пак морално тоа не е дозволиво. И треба да се санкционира. Немам информација кои се исходите, дали наставниците што удриле ученик сѐ уште се во образовниот процес, иако не смеат да останат таму. На наставник што употребувал физичка сила не му е местото меѓу учениците – објаснува професорката.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема