Кога Американците се уапсени во Северна Кореја, тие треба да очекуваат тешки услови, ситни затворски ќелии, малку храна и вода, и уште помалку дневна светлина. А нивната приказна е предодредена: присилна исповед, наместен судски процес и казна - неколку години тешка работа со мали шанси за жалба.
Тони Ким познат како Ким Санг-дук, е третиот по ред Американец уапсен во Северна Кореја. Другите двајца се Ото Ф.Вармбиер и Ким Донг-чул. Но, малку се знае за Ким, вклучувајќи ја и причината зошто тој бил уапсен.
Но, искуствата на другите Американци кои биле уапсени и на крај ослободени од Северна Кореја, често со помош на познати американски политичар, ја отвори вратата на мрежата на логорите на таинствениот режим.
„Ќелијата беше прилично мала и имаше неколку решетки на вратите“, вели Лаура Линг, американска новинарка која била уапсена во 2009 година. „Не можеше да се гледа надвор, а ако ги затвореа тие неколку решетки, настапуваше целосна темнина. Не постоеше никаков начин за комуникација со надворешниот свет.
Друг затвореник, американскиот мисионер Кенет Бае, во неговите мемоари „Not Forgotten“ објавен после неговото ослободување во 2016 година, изјави дека тој бил испрашуван 15 часа на ден - од 8 часот наутро до 22 или 23 часот навечер, секој ден, четири недели“.
Тројцата Американци кои денес се уапсени и се наоѓаат во Северна Кореја се држат во време на прилично зголемени тензии. Можеби нивните случаи се различни, но околностите во кои тие се наоѓаат, како пиони во сложена геополитичка игра, се слични.
Ова се нивните приказни.
Тони Ким
Фото: Facebook
Ким поминал еден месец предавајќи сметководство на Универзитетот за наука и технологија во главниот град Пјонгјанг и се качувал на авион за да ја напушти земјата, кога бил уапсен, според ректорот на Универзитетот, Чан-Мо Парк.
„Причината за неговото апсење не е позната, но некои претставници од универзитетот ми кажаа дека неговото апсење не е поврзано со неговата работа на овој универзитет“, изјави Паррк. „Тој бил вклучен во други активности надвор од универзитетот, како што е помагање на сиропиталиште“.
Ким, кој е во неговите 50-ти, претходно предавал на Јанбиан Универзитетот за наука и технологија, во кинеската провинција Џилин, близу границата со Северна Кореја. Тој од неодамна се преселил во Северна Кореја со неговата сопруга, за која се верува дека уште е во Северна Кореја.
Ким студирал сметководство на Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд и Универзитетот Аурора и работел како сметководител во Америка повеќе од една деценија, според неговата Фејсбук страна.
Ото Вармбиер
Фото: Associated Press
Ото Ф.Вармбиер, дипломиран 21 годишен студент од Универзитетот во Вирџинија, отишол во Северна Кореја на групна турнеја, меѓутоа кога во јануари 2016 година требало да се качи на летот за дома, бил уапсен. На судењето кое траело еден час, бил осуден затоа што се обидел да украде постер од пропагандата.
За време на најавувањето на неговото апсење, државните медуми изјавиле дека Вармбиер ја посетил Северна Кореја со намера да ги сруши темелите на единство со исто мислење.
На прес конференцијата минатата година, Вармбиер ја признал кражбата, и рекол дека го украдил затоа што познаник му понудил половен автомобил вреден 10.000 долари во замена за постерот. „Ја направив најлошата грешка во мојот живот“, изјавил Вармбиер.
Ким Донг-чул
Фото: Associated Press
Американскиот бизнисмен Ким Донг-чул, бил осуден на 10 години тешка работа во април 2016 година поради шпионажа и други кривични дела.
Еден месец пред неговото судење, Ким се појавил на организирана прес-конференција од владата и се извинил затоа што се обидувал да украде воени тајни во соработка со Јужна Кореја. Разузнавачката агенција на Јужна Кореја негираше било каква вмешаност во случајот.
Изјавата на Ким не беше позната до јануари 2016 година, кога владата на Северна Кореја дозволи „CNN“ да го интервјуира во Пјонгјанг. Во тоа време Ким се идентификува како 62 годишен натурализиран американски државјанин кој живеел во Ферфекс, Вирџинија.
Тој изјави дека бил уапсен во октомври 2015 година за време на состанокот со поранешен
севернокорејски војник за да добие доверливи податоци.