Истражување открива дека луѓето во брак се двојно посреќни од другите, а слободните, разведените и вдовиците/вдовците се посклони кон депресија. Научниците тврдат дека брачните парови ги уживаат придобивките од стабилноста, поддршката и дополнителните парични текови во нивните односи.
Во истражувањето експертите вклучиле податоци од 107.000 луѓе од седум земји за да го истражат ефектот што бракот го има врз среќата. Авторите на истражувањето ги следеле луѓето во САД, Мексико, Ирска, Јужна Кореја, Кина и Индонезија во период од 4 до 18 години, откривајќи дека луѓето што биле разведени или разделени имале 99 отсто поголем ризик да покажат знаци на депресија.
Според истражувањето, луѓето што не биле во брак, а живееле во западните земји, имале поголем ризик од депресија отколку оние во источните земји.
Тие откриле дека постои 86 отсто поголема шанса за депресија кај луѓето кои не биле во брак во споредба со оние што биле во брачна заедница. За вдовците/вдовиците, процентот е 64 отсто, за слободните 79 отсто, а за разведените - 99 отсто. Исто така, истражувањето покажало дека најнесреќни меѓу овие групи се мажите и луѓето со високо образование.
- Здравствените придобивки од бракот може да вклучуваат зголемен пристап до економски ресурси, размена на социјална поддршка и заемно позитивно влијание што брачните другари го имаат еден врз друг - изјави авторот на истражувањето, д-р Куикуи Ванг.
- Нашето истражување покажа дека мажите што се сами или разведени покажуваат поголем ризик да развијат симптоми на депресија. Потенцијално објаснување за ова е дека жените генерално имаат поголема и посилна вградена поддршка од околината отколку мажите. Нашата анализа покажува дека луѓето што не се во брак може да бидат изложени на поголем ризик од депресија, а сите напори за ублажување на овој ризик треба да ги земат предвид улогите на културниот контекст, полот, образованието и употребата на супстанции - изјави Кефенг Ли од Политехничкиот универзитет во Макао.
Извор:
Novilist.hr
Фото: Freepik