Ако чувствувате дека вашата мачка ве сака само поради закуските што ѝ ги давате и вашата подготвеност да си играте со неа, можеби сте во право, покажува ново истражување.
Научниците од Универзитетот „Етвош Лоранд“ во Унгарија откриле дека мачките не се особено приврзани за своите сопственици, иако лесно ги препознаваат и ги разликуваат од другите луѓе.
Во експериментот, истражувачите сместиле 15 мачки во соба со нивниот сопственик, со непознато лице кое го запознале неколку минути претходно, со двајцата, или со ниту еден од нив. Научниците го измериле нивото на „приврзаност кон сопственикот“ во овие ситуации, со процена дали мачката останувала на помалку од еден метар од својот сопственик поголемиот дел од времето, кога не била зафатена со истражување или играње. Потоа, научниците гледале како нејзиниот сопственик се движи редејќи блокови од една маса на друга и какво било однесувањето на мачките.

Истражувачите го процениле и нивото на нервоза кај мачките, врз основа на нивното однесување.
Според овој експеримент, мачките речиси воопшто не се приврзани за своите сопственици. Тие не ја претпочитале блискоста на својот сопственик, во однос на непознатите луѓе, и немало значајна разлика во нервозното однесување во двата случаи.
Ако откритието за независноста на мачките ве растажува, можеби ќе ве утеши студијата објавена минатата година која открила дека мачките можат да ги разликуваат своите сопственици од другите луѓе - барем по мирис.
Извор: euronews.rs
Фото: Freepik