Ново истражување покажува дека микропластиката може да биде присутна и во масните наслаги што се акумулираат во артериите на некои луѓе, што го поставува прашањето за дополнителна опасност од овие ситни пластични фрагменти за нас. Иако оваа студија не е конечна, посочува дека микропластиката може да биде ризична.
Истражувачите регрутирале луѓе кои биле подложени на операција за лекување на болеста на каротидните артерии, состојба каде што наслагите - обично составени од масни супстанции како холестерол, калциум и разни клетки - се собираат и ги стеснуваат артериите кои го снабдуваат мозокот со крв.
Овие наслаги биле отстранети за време на операција и биле анализирани за присуство на микропластика и нанопластика (MNPs). Од 257 испитувани пациенти, кај 150 е откриено дека имаат полиетиленска микропластика, материјал кој често се користи за производство на пластични кеси и шишиња.
Сепак, ова не бил единствениот вид пластика што бил пронајден: кај 31 пациент во наслагите бил пронајден поливинил хлорид, попознат како ПВЦ или пластика од која се прават канализациони цевки.
Значаен наод
Истражувачите потоа ги испитувале примероците од наслагите под микроскоп за да добијат идеја за големината на пластичните фрагменти. Сликите откриле скршени честички во наслагите, за кои тимот проценил дека речиси сите се помали од еден микрометар - помалку од една педесеттина од дијаметарот на просечно човечко влакно.
Присуството на микропластика во наслагите е значаен наод сам по себе, но што е со можното влијание врз телото? За да дознаат, истражувачите ги следеле пациентите речиси три години. На крајот од тој период откриле дека пациентите со наслаги што содржат микропластика имале 2,1 пати поголем ризик од срцев удар, мозочен удар или смрт од која било причина во споредба со оние без пластични фрагменти.
И покрај ова, истражувачите истакнуваат дека нивните наоди не се дефинитивен доказ оти микропластиката е причина за вакви здравствени настани. Други фактори што може да ги изложат луѓето на ризик се: исхраната, вежбањето и пушењето. Сепак, коментарот што ја придружува студијата, напишан од епидемиологот д-р Филип Ј. Ландриган, сугерира дека истражувањето покренува голем број неодложни прашања.
- Дали изложеноста на микропластика и нанопластика треба да се смета за ризик-фактор за кардиоваскуларни болести? Кои органи освен срцето можат да бидат изложени на ризик? Како да ја намалиме изложеноста? – напишал Ландриган.
Извор: Klik.hr
Фото: Freepik