Иако интернетот не ни е достапен долго време, во последните дваесетина години се чини дека целото човештво стана зависно од него.
Сега ни се чини дека животот е невозможен без „Гугл“, без социјалните мрежи и сите новости и информации што ни се секогаш достапни и ги користиме толку многу, што многумина развија зависност од интернетот и телефонот. Но, иако би можеле да живееме без вести и социјални мрежи, што е со сите институции и инфраструктура кои се зависни од интернетот, како електрани, телекомуникации, банки итн.
Затоа е интересно прашањето што би се случило доколку интернетот исчезне, односно ако целиот свет ја изгуби врската со мрежата поради некоја причина.
Не е тешко да се заклучи дека ќе настане паника, луѓето нема да знаат што се случува, нема да можат повеќе да комуницираат, да работат итн. Какви би биле последиците по еден ден, еден месец, една недела или една година?
На крајот од првиот ден „Гугл“ и „Фејсбук“ би изгубиле повеќе од 300 милиони фунти, а загубите на другите компании, од кои многу би престанале да работат, би биле милијарди.
Состојбата по една недела би била целосно хаотична: би имало проблем со снабдувањето со електрична енергија, што би довело до многу нови проблеми бидејќи модерната електрична мрежа се потпира на интернет за координација на електраните и трафостаниците. Така би настанал хаос во енергетскиот систем и би имало локални прекини во дистрибуцијата на електрична енергија во повеќе земји. Тоа би се одразило врз гасоводите, кои би се затвориле бидејќи се зависни од струја и интернет.
Со оглед на тоа што сѐ е поврзано, би настанала верижна реакција. Без интернет и струја, ниту бензинските пумпи не би можеле да работат бидејќи освен што нема да можат да точат гориво, нема да можат ниту да ја следат состојбата на резервоарите.
Без гориво не би имало достава на храна и неопходни работи во супермаркетите, а се чини дека би застанал цел свет, односно би запреле сообраќајот, индустријата и бизнисите. По еден месец светот би бил во целосен хаос: вознемирени и гладни луѓе чии животи за кратко време радикално се промениле ќе се борат меѓу себе за храна. На улиците би владееле немири и хаос. Иако би била повикана војската да интервенира, и нејзе ѝ се потребни гориво и резерви.
По една година повеќето земји од развиениот свет ќе успеат да инсталираат основни телефонски линии, па општеството полека ќе се приспособи на големите промени и хаосот, додека земјите ќе се вратат на аграрна економија. Глобалната економија би се вратила во 30-тите години. Последиците од губењето на интернетот се страшни, па голем број луѓе не би преживеале глад, студ и немири.
Се разбира, сето ова е шпекулација и навистина е тешко да се предвиди како би изгледал еден таков свет, па ни останува само да се надеваме дека никогаш нема да дознаеме.
Фото: Freepik