X
 22.12.2019 Наука

Хрватскиот аматер-астроном Корадо Корлевиќ доби светска награда за одбрана на нашата планета од астероид

Неодамна беа прогласени добитниците на наградата (стипендија) НЕО (Shoemaker Near Earth Object) за 2019 година, а меѓу избраните се најде и хрватскиот ловец на астероиди, Корадо Корлевиќ.

Наградата е именувана по планетарниот геолог Џен Шумејкер, а со неа се наградуваат исклучително успешни астрономи-аматери кои наоѓаат, следат и карактеризираат астероиди што поминуваат релативно близу Земјата и кои може да станат потенцијална закана.

Добитниците на наградата значајно придонеле во две области на планетарна одбрана:

Карактеризација: Некои добитници се фокусирале на карактеризација на астероидите, односно одредување на нивните својства, на пример, брзината на вртење околу нивната оска. Ако астероидот може да стане опасен за нашата планета, овој вид информации може да бидат клучни во мисијата да се одврати или елиминира астероид.

Следење: Друга група победници ги следеле траекториите на астероидите и нивната орбита на компјутери за да утврдат кој од нив е потенцијално опасен за Земјата.

Овогодишните победници се дел од долгогодишната традиција за планетарна одбрана, заштитувајќи ја Земјата од астероидите. Биле доделени вкупно 57.906 американски долари на шест аматери-астрономи од четири земји. Меѓу нив е и Хрватот Корадо Корлевиќ.

Тој е дел од опсерваторијата „Вишњан“ и е награден со 10.825 долари за унапредување на огледалото на опсерваторискиот телескоп, како и за набавка на друга нова опрема што ќе може да набљудува и следи многу потемни предмети во вселената.

Но, зошто оваа опсерваторија е толку важна што ѝ се доделува стипендија за нова опрема? Оваа опсерваторија се фокусира на следење на новооткриените објекти во близина на Земјата. Во последните две години забележала повеќе од 1.400 вакви објекти.

asteroid
Фото: Getty Images


Во март оваа година опсерваторијата станала водечка за мониторирање на астероиди, подобра и од НАСА.

Корад Корлевиќ во една пригода изјави дека понекогаш на шега астрономите во светот ги нарекуваат „Волмарт“ светска астрономија, во смисла дека имаат најдобар сооднос на цената во однос на производот - за нив се троши најмалку кога ќе се земе предвид работата што ја работат со оглед на тоа дека немаат никакво институционално финансирање.

- На пример, Европската вселенска агенција во оваа работа има две опсерватории. Двете заедно се шестпати полоши од нас - објаснува Корлевиќ.

Тајната на успехот


Тајната на успехот на овој тим лежи во два фактори. За да се разбере првиот, треба да се има предвид дека ова е проект во кој заеднички учествуваат голем број опсерватории низ светот. Поточно, откако опсерваторијата на Хаваите ќе открие некој непознат објект, другите опсерватории треба да го преземат неговото следење. Во спротивно, објектот се губи.

- Ние сме на околу 12 часа од Хаваи и затоа сме речиси на идеална позиција да го преземеме следењето на објектите што ќе ги откријат тие. Тие ќе речат: „Во таа и таа грмушка има зајак“, а потоа ние ги проверуваме грмушките. На крајот, Меѓународната астрономска унија објавува дека со заедничка работа е откриен објект - објаснува Корлевиќ.

Второ, поважен дел од тајната на успехот на „Вишњан“ е во развојот на нови методи што на тимот му овозможуваат да биде врвен дури и со малку ресурси.

- Треба да се создадат најдобри практики. Ние се обидовме да го сториме тоа онака како што не го прават другите. Очекуваме дека некои ќе почнат да нè следат сега затоа што е најефикасно, иако е многу тешко да се работи на овој начин. Направивме подобрувања на повеќе локации, од оптимизирање на набљудувањата до прифаќање на ставот дека за поголем телескоп не секоја облачна ноќ е еднакво облачна кога користите инфрацрвена светлина - вели Корлевиќ, истакнувајќи дека има одличен тим од студенти и ментори кои се способни за иновативни начини на размислување.

Веројатноста од удар на опасен астероид не е мала


Објектите што минуваат помеѓу Земјата и Месечината, вклучувајќи ги и оние што патуваат на растојанија до околу еден милион километри, се постојано околу нас. Дали некое тело е опасно или не, на почеток веднаш по неговото откритие не е познато - ова е одредено од неговата брзина и аглите на кои се движи во неговата орбита.

Со откривањето на астероидите опасноста за Земјата се намалува затоа што најопасните се оние за кои не се знае ниту дека постојат. Во моментов се познати околу 19.000 тела. Веројатноста за катастрофално влијание се проценува на околу 1: 100.000. Со други зборови, во просек, еднаш на 100.000 години некој удар има катастрофални размери.

Корлевиќ вели дека астрономите моментално дошле до фаза кога се откриени тела што не се толку опасни, туку се во ранг на астероид како тој што го предизвикал уништувањето во Тунгуска. Тие можат да изгорат област без да направат кратер. Сепак, со нивното навлегување низ атмосферата на теренот тие можат да изгорат површина од неколку илјади квадратни километри.

- Моментално знаеме за неколку објекти што можат да бидат многу опасни за Земјата. Еден од нив е секако Апофис, кој ќе претставува опасност во април 2036 година. Тој ќе помине низ точка на хаос во 2029 година, по што ќе се знае дали треба да се уништи, дали само ќе помине близу или ќе издадеме предупредување дека луѓето се евакуирани од крајбрежните области додека не помине цунамито - вели Корлевиќ.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука