X
 10.12.2019 Наука

Во океаните снемува кислород поради загадувањето

Климатските промени и загаденоста го истиснуваат кислородот од океаните, претставувајќи закана за опстанокот на голем број видови риби, заклучија експертите од Меѓународното здружение за заштита на природата (IUCN) во рамките на досега најголемото истражување од овој тип.

Иако за загадувањето на океаните и на морињата, како и за недостигот на хранливи материи, се знае со децении, истражувачите велат дека климатските промени ја влошуваат состојбата кога станува збор за недостигот на кислород.

Во споредба со 60-тите години, недостигот од кислород е забележан на 45 океански локации, а денес истиот проблем е уочен дури на 700 места.

Експертите велат дека ваквата состојба особено им штети на одредени видови риби, како туните, ајкулите и еден вид сабјарки.

Од порано е познато и тоа дека одредени хемикалии, како азот и фосфор, од фармите и индустриските погони влијаат врз количеството кислород.

Меѓутоа, во текот на последните години таа опасност се зголемува поради климатските промени. Со емитувањето на поголеми количини на јаглерод диоксид се зајакнува и ефектот на стаклена градина, па океаните апсорбираат и повеќе топлина. Потоплата морска вода содржи помалку кислород, истакнуваат научниците.

Дури и малите промени во атмосферата можат значително да влијаат на животот во морињата и океаните.

Во водите кои се посиромашни со кислород добро преживуваат микробите, медузите и сипите. Водата која содржи помал процент на кислород им одговара на нив, но не им одговара на брзите риби, како сабјарките или крупните риби како туните.

Експертите истакнуваат дека поголемите и побрзите риби имаат и поголеми енергетски потреби.

Мина Апес од Меѓународното здружение за заштита на природата истакнува дека феноменот на намалување на количината на кислород во морињата е познат од порано, но дека сега првпат тоа е поврзано со климатските промени.

-Ова е можеби последниот повик за будење од неконтролираниот човечки експеримент бидејќи емисијата на јаглероден диоксид и понатаму се зголемува - истакнува еден од авторите на истражувањето, Дан Лафолеј.

Тој потсетува дека на намалувањето на количината на кислород во океаните влијаат глобалното затоплување и загаденоста на океаните и морињата со материјали кои настануваат како последици на хемикалии од фарми и од индустриски погони.

Балтичкото и Црното Море се најголемите затворени морски екосистеми со низок удел на кислород.

Ако земјите продолжат со вообичаениот пристап кон емисијата на стаклена градина, светските океани до 2100 година би можеле да останат со 3-4 отсто помалку кислород.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука