Слушните апарати во изминатите години не покажаа значаен исчекор кога станува збор за технолошки иновации бидејќи нивниот начин на работа е одамна прифатен и оптимално развиен. Но, компанијата „Старки Хиринг технолоџис“ направи една иновација.
Оваа компанија го претстави својот слушен апарат „Livio AI“ - прв таков уред што поседува вештачка интелигенција. Неговата нова верзија стана уште попаметна.
Факт е дека слушните апарати ги користат главно постари луѓе, кои не се баш типична група на корисници на интернет. Слушниот апарат, кој за многу од нив е неопходен, ќе помогне тоа да се промени.
„Livio AI“ доаѓа со виртуелниот асистент „Алекса“, има гласовна контрола и вграден преведувач за повеќе јазици. А некои од дополнителните функции, како следењето на работата на срцето, можат да бидат многу корисни за постарите лица.
Според официјалните податоци на надлежните американски служби, на секои 11 секунди едно постаро лице бара медицинска помош поради паѓање, а околу 12 милиони постари Американци годишно завршуваат во итните служби поради повреди. „Livio AI“ има функција „Fall Alert“, која во случај на детекција веднаш ќе испрати информација на одбран контакт.
Во делот на апаратот кој се става во увото се вградени сензори кои го следат отчукувањето на срцето, што може да биде многу корисно.
Уредот поседува и сопствен виртуелен асистент, па корисникот може да прашува и да има интеракција со асистентот со цел да дознае нови информации или решавање на евентуални проблеми во работата на слушниот апарат.
Слушните апарати традиционално се конструирани да им помагаат на луѓето подобро да слушаат, а „Livio AI“ покажува дека и постарите луѓе можат да ги уживаат придобивките на модерната
технологија.