Постарите лица низ процесот на стареење минуваат поразлично и поекспресивно во споредба со помладите генерации. Кога сме млади, немаме развиена свест за тоа дека во еден момент нашиот живот ќе заврши и тоа е сосема нормално. Процесот на стареење е универзален феномен со прогресивно финале и на крај наше неминовно физичко исчезнување. Едно од можните сценарија е и поимот „регресија на стареењето“.
Постарите потешко се помируваат со стареењето
Освен истражувањето и откривањето на овој механизам, ниеден научен обид нема засекогаш да го забави, прекине или поништи процесот на стареење. Смртта, па на крајот и физичкото пропаѓање и исчезнување на телото, сепак е конечен одговор на сите прашања, од доменот на медицината до научната фантастика. Стареењето не е никаков хипотетички конструкт, туку животна реалност која останува предизвикувачка тема за разни области.
Функционалниот пад, биолошкиот процес на стареење, прогресивното губење на физиолошкиот интегритет, заедно со когнитивните и други промени, доведуваат до крај. Сликовито објаснето, човечките суштества, како и цвеќињата, минуваат низ различни фази на развој: никнуваат, растат, цветаат, венеат и на крајот умираат, се сушат и исчезнуваат.
Синдромите на Петар Пан и Венди
Регресијата на староста, синдромите на Петар Пан и Венди се поврзани со стареењето во поинаков стил од рутинскиот. Овие состојби обично се поврзуваат со помлади возрасни лица кои одбиваат да преминат од една развојна фаза во друга. Тие, исто така, стареат, но едноставно сакаат да останат млади во духот и чувствата. Едноставно, сакаат да останат момчиња и девојчиња лишени од одговорноста која се зголемува со текот на годините и созревањето. Во духот се вечни адолесценти, а состојбата на неограничени возбудувања им изгледа како лесен излез од секој проблем. Причините за оваа состојба и синдроми може да бидат многубројни, но се претпоставува дека тоа првенствено се родителите кои биле премногу заштитнички настроени кон децата.
Зошто постарите лица често се однесуваат како мали деца или тинејџери?
Сѐ повеќе возрасни лица покажуваат знаци на емоционална незрелост, а причините за тоа се многубројни и сложени. Поединци не се во состојба реално и конструктивно да се носат со различни проблеми и фрустрации. Во нив спаѓаат секојдневните судири со себе и со другите, темпото на живот, нагоните и различните емоционални потреби. Ако на сето тоа му се додаде и стравот од стареење и смрт, нормално е спонтано враќање во некои порани, побезбедни и побезгрижни фази од животот.
Постарите лица може да се однесуваат и да се чувствуваат во согласност со годините. Но, истовремено можат да пројават многу речиси тинејџерски потреби. Сериозната, одговорна и зрела личност со животно и секакво друго искуство често се крши пред тешките нешта. Рефлексијата може да биде експресивна и нејзиниот корен во основа позитивен. Тогаш, да речеме, постарите лица се заљубуваат, носат гардероба која повеќе им доликува на помлади, сакаат да бидат општествено поактивни, да патуваат, да купуваат нешта како мотори, модерна техника, козметика... За жал, се јавуваат и самодеструктивни однесувања, особено ако за тоа постојат предиспозиции. Во драстичните случаи доаѓа и до целосно поистоветување со мали деца (мокрење в кревет, често плачење, непрекинато барање внимание, разгаленост и нереални барања, лоша хигиена, па дури и цицање палец).
Причини за бегање од стареењето
Со цел избегнување на хроничната анксиозност, стравовите и депресијата, постарите лица може да создадат сопствен свет на лажна безбедност и тој е поврзан со враќање во детството, кога се чувствувале сигурно. Задолжително е повикување на мајката, фингирање чувство на безбедност со неа, во нејзина прегратка. Многу луѓе, кога ќе сфатат дека сѐ е само фикција, покажуваат симптоми на нервоза и не толерираат критика, ниту можат да поднесат притисок, а сѐ сфаќаат лично и како навреда. Агресивно почнатиот процес на регресија на стареењето може да доведе и до деменција, како и други медицински и психијатриски проблеми и состојби.
Исто така, причините може да се поврзани со некоја психофизичка траума, како некоја трагична смрт во фамилијата или меѓу пријателите. Тука се и осаменоста, изолацијата, повлекувањето во себе, хипохондријата и изразениот страв од смрт. Често се нарушуваат фамилијарните односи бидејќи се појавува нарцистичко однесување.
Разбирање за поблиските постари лица
Без оглед на причините и симптомите, ваквите однесувања на блиските треба колку што е можно да се третираат како нормален вентил за канализирање на стравот и напнатоста поврзани со стареењето и смртта. Одржувањето на мозокот и телото млади, според експертите, може да се смета за знак на стабилно ментално здравје. Важно е овие однесувања да не преминат во патологија, а тогаш е потребно да се побара стручна помош.
Извор:
eklinika
Насловна фотографија: Pixabay