X
 16.04.2020 Живот

Тинејџери создадоа телефонска линија за постари лица нудејќи шеги, приказни и пораки за надеж

Како средство за забава на осамените постари лица во текот на изолацијата, канадски средношколци создадоа телефонска линија што пушта претходно снимени позитивни пораки.

Проектот наречен „Joy4all“ е лансиран од ученици од рекреативната програма „Евер Актив“ од Одборот за образование на Калгари.

Младите велат дека ја создале бесплатната телефонска линија како средство за утеха на постарите лица низ Северна Америка. Но, луѓето од сите возрасти се јавуваат на бројот за да уживаат во редовно ажурираниот избор на шеги, приказни, медитации и едукативни пораки.

Уште од почнувањето на проектот младите постојано ја ажурираат содржината и тоа ќе го прават до јуни; ако социјалните ограничувања продолжат во текот на летото, тогаш тинејџерите се надеваат дека ќе продолжат со зголемување на содржината до моментот кога ќе бидат отстранети мерките на изолација.

- На голем број луѓе што се во изолација им недостигаат семејствата. Затоа се обидуваме да пополниме празнини и на луѓето да им донесеме радост во овие тешки времиња - вели наставникот Џејми Ендерсон од „Евер Актив“.

postari
Фото: Unsplash

Младите се охрабруваат да достават свои пораки и снимки преку веб-страницата на „Joy4All“.

- Децата и младите можат да ги достават нивните пишани пораки, содржини, па дури и снимки. Охрабруваме љубезност, креативност и пораки за радост, особено за постарите лица, имигрантите, новодојденците и бегалците - пишува на веб-страницата.

Извор: Good News Network
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот