X
 08.03.2020 Технологија

Поради коронавирусот, „Гугл“ и „Мајкрософт“ ги направија бесплатни софтверите за работа од дома

Поради епидемијата на коронавирусот, во некои земји се затворени училиштата и се откажуваат конференции и разни настани, па за да им ја олеснат работата на луѓето што работат од дома, „Гугл“ и „Мајкрософт“ соопштија дека ќе овозможат бесплатен пристап до нивните телеконференциски алатки за соработка.

„Гугл“ објави дека бесплатно ќе ги овозможи напредните функции на апликациите „Хенгаутс Мит“ и „Гугл Класрум“ на сите корисници на пакетите „Џи Суит“, без оглед каде се наоѓаат. Тоа значи дека организациите можат да организираат состаноци со најмногу 250 учесници во живо, со најмногу 100.000 гледачи во рамките на еден домен, како и да снимаат и да зачувуваат состаноци на „Гугл Драјв“. Така, апликациите ќе можат да ги користат работниците, едукаторите, студентите и учениците за да продолжат со своите редовни активности.

googl

Услугата, која инаку се наплаќа 13 долари по корисник на месечно ниво, ќе биде бесплатна за сите до 1 јули.

„Мајкрософт“ најави дека работата на далечина ќе ја поттикне со давање бесплатен пристап на услугата „Мајкрософт Тимс“, со сите достапни додатоци. Оваа понуда на корисниците ќе им биде достапна во период од 6 месеци. На 10 март „Мајкрософт“ ќе ја ажурира бесплатната верзија на „Тимс“ што ќе ги тргне ограничувањата за тоа колку корисници можат да бидат дел од тим и ќе им дозволи на корисниците да закажуваат видеоповици и конференции.

Извор: Тhe Verge
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија