X
 10.03.2019 Живот

Нешто смрди во Центарот на Скопје, земаат кредити за талентираните деца, скопјанка - директор за иновации во „Цајс“. Што истражувавме минатата недела?

Ги објавивме и резултатите од анкетата на тема „Развој и поддршка на надарени и талентирани деца“ на која читателите одговараа анонимно

Депониите среде центарот на Скопје, зошто учениците секогаш му се враќаат на подрумот во гимназијата „Карев“, како е да се биде директор по иновации во светски позната компанија, што сѐ прават родителите за да им овозможат соодветно образование на своите талентирани деца, зошто уште една докторка одлучила да не замине од државата, наставникот Александар 10 години работи само како заменски професор, се дел од темите што ги истражувавме минатата недела.

Од 7 до 9 март во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје ученици ќе ја реализираат втората манифестација „Три дена култура“, во која стотина млади ќе се изразат низ музика, филм, фотографија. Иако за повеќето средношколци е нормално да сакаат часовите да им завршат што побрзо за да ја продолжат дружбата со своите врсници, има и такви што едвај чекаат да им завршат часовите, но за да останат во своето училиште и да продолжат во заедничко создавање музика. Ова е секојдневие на десетици млади во гимназијата „Никола Карев“ од Скопје. Тие си имаат неколку музички бендови со кои настапуваат на манифестации што ги организира училиштето или настани што самите ги прават. Од лани нив ги обединува името „Арт хаус Карев“, платформа во која можат да се вклучат сите средношколци што имаат љубов кон уметноста – музиката, филмот, фотографијата.



„Нешто смрди во центарот на Скопје“ е насловот на текстот во кој го прикажавме секојдневието со ѓубрето и депониите кои го „красат“ нашиот главен град.
Мали депонии во раните утрински часови се речиси секојдневие за центарот на главниот град. Мизерната слика во строгиот центар на Скопје со расфрлани кеси ѓубре до контејнерите им пречи на минувачите. Ваквата слика е секојдневие, особено по завршен викенд. И не е проблемот дека нема доволно контејнери на самите места, туку што на дел од граѓаните им е „проблем“ да ги фрлат во подземните.
Центарот на градов има неколку црни точки, велат од „Комунална хигиена“. И покрај апелите што ги упатуваат од јавното претпријатие, ѓубрето е до контејнерите, а не во нив или, пак, на сосема друго место.
Проблемот со делот зад Домот на градежниците (на ул. „Вељко Влаховиќ“), на пример, не е од вчера. Понеделник наутро состојбата е најалармантна – купови кесиња со ѓубре стојат на платформа каде што воопшто нема контејнер. Од јавното претпријатие објаснуваат дека ситуацијата е таква откако поставиле подземни контејнери.
- Граѓаните не сакаат да го фрлаат во контејнерите оти не сакаат да го чепкаат отворот на контејнерите. Тоа се решава и со една кеса. Ние постојано апелираме до граѓаните да не фрлаат насекаде и да не создаваат депонии кога постојат контејнери кои ги чистиме секојдневно. Контејнерите се доволно големи, речиси никогаш не се целосно наполнети – ни изјави Ана-Марија Бранѓолица, портпарол на „Комунална хигиена“.


Скопје во 21 век (на паркингот кај „Пјаца либерта“)

Триесет и тригодишната Христина Србиноска, скопјанка по потекло од Тетово, во Германија работи како директор за иновации во „Цајс“ (ZEISS), една од водечките светски компании за иновации и развој на медицински помагала. Низ нејзините раце и на тимот што го води поминуваат многу иновации кои им го олеснуваат животот на пациентите. Живее во Берлин, а секој слободен миг го користи за да ги посети семејството и пријателите во Македонија.

- Сега сум одговорна за тим од 7 луѓе кои генерираат и евалуираат идеи во полето на оптиката, поточно на интраокуларни леќи. Тие се имплантираат откако ќе се отстрани природната леќа поради појава на перде, како и апликатори за истите, како и други импланти за око. Исто така, дел сум од тимот на Цајс Медитек, одговорен за инвестиции или аквизи на стартапи – ни откри Србиновска.

Ги објавивме и резултатите од анкетата на тема „Развој и поддршка на надарени и талентирани деца“ на која читателите одговараа анонимно. Анкетата е дел од комплексната иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк да се сврти вниманието на јавноста и на институциите кон нашите најголеми потенцијали и да се најде модел тие да бидат препознаени и насочени уште од најмала возраст.



Анкетата покажа интересни резултати. Рекордни 97,5 отсто од анкетираните сметаат дека во Македонија има надарени и талентирани деца, само двајца читатели одговорија негативно на ова прашање, додека 2 отсто одговориле „не знам“.
Поразителни одговори има на прашањето дали државата нуди соодветна помош и поддршка за развој на таленти кај децата? Ова се дел од одговорите:
- Нема ништо конкретно, од методи за препознавање, работа со ТиН, преку немотивираност на кадарот за дополнителна работа со овие деца, до немање инструменти/методи да се следат и наградат учениците.
- Не, сите се ставени во ист „кош“. Децата и родителите немаат избор, наставниците немаат ресурси и услови за посебно да им се посветат на индивидуалниот развој. Така, нивниот прогрес е оставен на влогот на родителите.
- Не, воопшто! Моето дете има талент, признаен од врвни уметници. За жал, јас како родител не сум во можност (финансиски) да му овозможам да напредува, тука запревме. Зедов кредити, додека имав да финансирам, теравме некако, а сега за сметка на тоа семејството го ставив во состојба на преживување. И оваа анкета е „ветар во магла“ бидејќи распределувањето некаква помош со сигурност тврдам дека не би било на вистинските места.

Ќе продолжам да работам во Македонија. Тука е мојот дом, тука се луѓето што го прават да биде дом, вели младата лекарка д-р Невенка Ридова (26), иден хематолог. Првенка во гимназијата „Добри Даскалов“ во родното Кавадарци, првенка на генерацијата 2011/2016 година на Медицинскиот факултет во Скопје, таа е еден од лекарите што решиле да останат во Македонија и тука да се развиваат како медицински кадар. Ридова лани ја почнала својата специјализација по хематологија, која ќе трае 6 години. Од мај е вработена во Универзитетската клиника за хематологија во Скопје.


Д-р Невенка Ридова 

- Сепак, не секогаш, науката е пари. Науката започнува од љубопитност и прашање. Со согледување и анализа на искуствата. Од друга страна, лекувањето на хематолошките малигни заболувања чини многу. Првенствено, овие болни имаат потреба од пролонгирана медицинска грижа. Рутинските дијагностички процедури се скапи, лековите и терапевтските методи, како што е трансплантацијата на хематопоетски матични клетки, многу повеќе. Неодамна сведочевме на еден голем исчекор на нашата клиника - се направи првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител. Исто така, се обезбедуваат нови лекови. И неуморно се работи да се приближиме до европските стандарди на лекување на овие болести. Мислам дека паралелно со тоа и допрва ќе се доразвива научноистражувачката работа во оваа област – ни изјави Ридова.

Секогаш заменски, никогаш редовен. Нема кој не го познава овој млад професор по македонски јазик и литература, кој за речиси 10 години предавал во 15 битолски училишта, 6 средни, 9 основни. Часови држи и волонтерски, организира многу настани за битолските училишта, завршил два факултета, но, за жал, и покрај неговата огромна посветеност и љубов кон оваа професија, сѐ уште е без работа. Иако прошетал во толку многу училишта, има работен стаж од само две и пол години. Со битолчанецот Александар Адамовски разговаравме за наставничката професија и за сите предизвици со кои се соочува како млад човек кој секогаш наоѓа начин да си ја работи работата, која му е пасија.



- Учениците секогаш ја зборуваат вистината. Тие се нејзини гласноговорници. Тие одлично ценат, да речам „читаат“ кој учител, наставник и професор може да ги учи и научи и да ги извади од училишните клупи „потковани“ со знаења, умеења, вештини. Тоа го тврдам со целосна сигурност. И она што зачестено го повторувам е дека на наставен час треба со љубов да се работи со учениците, да се држи нивното внимание, но, потребно е учениците да се расположат, да се опуштат и да продолжат со работа. Тоа е ефективен час. А тој час бара: умеење, тактика, ведрина. Часот треба да биде задоволство, а не измачување. Од таков час насмевки на лицата излегуваат, полни со позитивни впечатоци – ни откри Адамовски.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот