X
 11.03.2019 Живот

Зошто никој не го бомбардирал Аушвиц?

Оваа година се одбележува 75-годишнина од настан што никогаш не се случил, а би имал важна улога и влијание врз историјата - станува збор за бомбардирањето на Аушвиц. Голем дел од еврејската заедница смета дека сојузниците можеле да го бомбардираат и требало, но поради рамнодушноста кон еврејските страдања и антисемитизмот, не го направиле тоа.

Во 1998 година Бенјамин Нетанјаху изјавил дека единственото нешто што требало да се бомбардира биле железниците. Сојузниците бомбардирале цели во близина, па зошто ова им било проблем?

Според него, уништувањето на крематориумите било и повеќе од изводливо и со минимален напор со оглед на тоа што веќе бомбардирале воени цели што се наоѓале во близина.

Зошто било проблем да се фрлат неколку бомби врз крематориумите? Едно објаснување е дека било одлучено Евреите да им се препуштат на сопствената судбина. Оваа теза ја коментирал и Дејвид Вајман во својот есеј во книгата „Зошто Аушвиц никогаш не бил бомбардиран“, кој подоцна бил вметнат и во книгата „Напуштањето на Евреите“ од 1984 година. Вајман тврди дека ова е морален неуспех на сојузниците кои не се соочиле со болката на Евреите.

1
Фото: Getty Images


Овој став, за кој се залагаат луѓето што се занимаваат со политиките за спасување, долго време бил неоспорен.

Дури неколку години подоцна излегле докази што повторно предизвикале дискусија, особено серија есеи објавени во 2000 година под насловот „Бомбардирањето на Аушвиц: дали сојузниците се обиделе да го направат тоа?“

Тие тврделе дека воздушните напади биле непрецизни од таа висина и би биле неефикасни ако се изведат од пониско. Освен тоа, бомбардирањето вклучувало високи ризици за пилотите поради германската дефанзива, а би им била нанесена мала штета на крематориумите бидејќи повеќето биле под земја.

Бомбардирањето би убило повеќе луѓе отколку што би ги уништило крематориумите, а шините би биле обновени. Оние што се залагале за бомбардирање ја игнорирале комплексноста на собирањето информации, лошите временски услови и долгото летање над непријателската територија. Освен тоа, нацистите веќе ја наметнале агендата сојузниците да водат еврејска војна и всушност единствен начин на кој би можеле да се спасат преостанатите Евреи било да се ослободи Европа.

Од воено гледиште, прашањето гласело: „Како воопшто можеле да помислат“, а од морално: „Како никогаш претходно не се размислувало за тоа“.

Изминатите 40 години голем број литературни дела биле посветени на темата за спасување во контекст на бомбардирањето на Аушвиц. Историчарот Хенри Феинголд ова го нарекува „дијалог на глувите“. Од современа гледна точка, спасувањето на Евреите требало да биде една од основните цели, а било периферна.

2
Фото: Galerie Bilderwelt/Getty


Американците, Британците и Русите се бореле за да се спасат себеси. Паралелно со тоа, спасиле седум милиони. Од оваа перспектива мораме да се обидеме да ги сфатиме нивните избори околу војната. Ние денес знаеме како се одвивала војната, тие тогаш не знаеле.

Аргументот за бомбардирањето како средство за спасување на Евреите е, всушност, контрафакт. Не може да се знае колку луѓе би биле спасени (ако воопшто би биле) и колку би загинале.

Другото прашање е - зошто Аушвиц? Зошто Музејот за еврејско наследство бил одлучен во тоа да направи изложба само за овој логор. Во моментот кога сојузниците биле во позиција да го започнат нападот, пет од шест милиони Евреи веќе биле ликвидирани, 80 отсто биле на други локации, како Дахау и Бухенвалд, кои биле постари, како и Треблинка, Собибор и Белзец.

Но, токму Аушвиц, кој имал повеќе од една цел, убил околу милион Евреи и 100.000 други затвореници. Тој работел најдолго - не ги исклучил гасните комори до ноември 1944 година и бил ослободен дури кога влегле Русите во јануари 1945 година. Во меѓувреме, станал лице на холокаустот.

Ударот над Аушвиц би бил симбол против нацистичкиот геноцид. Неуспехот да се собере светот за таков подвиг се гледа како знак на импотенција од страна на еврејските воени гарнитури и како предавство на сојузниците.

Дебора Липштат, историчарка за холокаустот, го нарекува ова „презентизам“, кога ги аплицираме современите стандарди во минатото. Таа забележува дека дебатата за такви историски настани често е дебата за цела низа современи политички, верски и идеолошки теми.

Но, факт е дека можностите за бомбардирање биле мали, шест месеци, во летото и есента 1944 година. Аушвиц бил надвор од опсегот на сојузничките пилоти додека сојузниците не воспоставиле база во градот Фоџа во јужниот дел на Италија, во текот на летото 1944 година. Депортацијата на унгарските Евреи во Аушвиц, последната голема еврејска заедница во Европа, почнала на 15 мај и траела до 8 јули 1944 година.

Сојузниците за тоа дознале доцна во јуни. Во исто време го добиле извештајот Врба-Вецлер, кој детално објаснувал што се случувало во Аушвиц. Вестите пристигнале во време на подготовките за инвазијата на Нормандија. Пред самиот „ден Д“, сојузниците крваво се бореле за превласт во воздухот и едвај успеале. Морале да работат на тоа Вермахт да не ги засили единиците во Нормандија. Истовремено ги бомбардирале нафтените полиња во Романија, што на нацистите им го уништило потребното гориво, им ги имобилизирало тенковите и ги деградирало нивните воздушни способности.

Тогаш зошто не зеле неколку пилоти и авиони за да се уништат гасните комори? Критичарите се гласни околу случајното бомбардирање на комплексот Буна-Моновиц во септември. Но, потенцијалното бомбардирање на Аушвиц би било комплексна операција што би вклучувала бомбардирање, навигациски предизвици и безброј обиди. Освен тоа, американските авиони би морале да се справат со софистицираниот радарски систем над Јадранот, агресивниот ѕид на германските авиони и лошите временски услови.

3
Фото: Galerie Bilderwelt/Getty


Што се однесува до пилотите, Американците дотогаш изгубиле 30 отсто од пилотите, а британската загуба била уште поголема, тие изгубиле речиси 50 отсто. Што точно би постигнале бомбардирајќи нешто што е под земјата?

Пилотите на САД објавија дека во нападот на железничката пруга во Берлин во април 1944 година само еден од пет авиони ја погодил целта. Значи, со оглед на прецизноста, би биле убиени околу 2.000 до 3.000 затвореници.

Критичарите велат дека Американците би можеле да користат Б-25 напаѓачи со средна големина, но тие бараат придружба што автоматски значи дека не постои елемент на изненадување. Вајман тврди дека тоа би можело да се реши со помош на британските „комарци“, што во реалност е неизводливо бидејќи не би имале никаква заштита и би загинале сите. Би се потпреле само на брзината. Нема шанси да можеле да летаат стотици километри без радио, да ја пронајдат целта, да ги поддржат Американците, успешно да ја извршат акцијата и потоа да се вратат дома.

Но, да се случело сето тоа и Аушвиц да бил успешно бомбардиран и уништен, би започнал бунт и бегство на затворениците. Што би се случило потоа?

Судејќи според бунтовите во Собибор и Треблинка, само мал дел би побегнале, а останатите би биле убиени. А со оглед на тоа што станува збор за логорите на смртта, затворениците немале што да изгубат.

Бомбардирањето на Аушвиц би ги затекнало непријателите, но и затворениците. Оние што би се извлекле би се нашле опкружени со полската популација, која без проблем предала повеќе од 200.000 Евреи во текот на нацистичката окупација. Одмаздата би била масовна.

Се верува дека и по најсериозните „повреди“ на крематориумите не би застанало убивањето. А и да би биле бомбардирани железниците и шините, тие би биле поправени во рок од неколку недели. Ричард Овери, експерт за воздухопловно војување, вели дека и покрај бомбардирањето на Германија, нејзиното производство на оружје било засилено дури пред крајот на војната. Не постои причина да се верува дека Германците не би ја примениле истата посветеност и ефикасност повторно да создадат крематориуми.

Историчарот Герхард Вејнберг вели:
- Идејата дека мажите што се посветени на програмата за убивање би можеле да бидат запрени бидејќи немаат шини или оџаци, е целосно луда.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот